Корона „зарази“ неколку дански клубови

Откако ќе заврши коронавирусот, во ниту еден сегмент од живеењето нема да биде исто, па така и во спортот.

Многу клубови ќе имаат помал буџет, многу ќе намалуваат дел од платите на играчите, а многу нема ни да постојат.

Лоши вести доаѓаат од Скандинавија, поточно од Данска. Претставникот од ракометната федерација, Томас Кристенсен вели дека неколку клуба најавиле дека нема да постојат од следната сезона, но не откри за кои се работи.

„По оваа криза, многу тимови ќе банкротираат. Секако, има неколку клуба што имаат поголеми спонзори од другите, а некои имаат добри пријатели што ќе можат да интервенираат кога ситуацијата ќе дојде до критична точка. Но има клубови што повеќе нема да имаат ресурси“, вели Кристенсен за europemaster.dk.

Данската федерација реши да го заврши првенството и прогласи шампиони во двете конкуренции – кај мажите тоа е Алборг, додека кај жените тоа е Есбјерг.