„Конкуренцијата“ се поголема: По Македонија и Црна Гора, и Полска бара вајлд-карта за СП!

Светската ракометна федерација ќе биде на голема мака во претстојниот период. На Мундијалот во Египет следната година ќе играат за првпат 32 репрезентации, а 28 места веќе се пополнети.

ИХФ има на располагање две вајлд-карти најмалку, кои може да станат и четири, ако во јуни не се одржи квалификацискиот турнир за последниот учесник од Јужна и Централна Америка, и ако не се одигра шампионатот на Северна Америка и Кариби, од кој победникот треба да оди на СП.

По Македонија и Црна Гора, уште една федерација објави дека ќе бара вајлд-карта на Мундијалот во Египет, а станува збор за полската федерација. Машката репрезентација на Полска играше на ЕП 2020, но испадна во првиот круг.

Тие дури упатија и протестно писмо до ЕХФ, во кое велат дека елиминацијата на Полска од СП 2021 и на Келце и Висла Плоцк од ЛШ, може да биде погубна за полскиот ракомет.