„Колку е послаб Вардар, толку е – поопасен“

Ракометарите на Вардар го очекуваат реванш четвртфиналниот натпревар од регионалната СЕХА лига против составот на Нексе Нашице.

Вардарци имаат предност од првиот дуел во Хрватска бидејќи славеа со 31-30, но Нексе нема да се откаже и да дојде со бело знаме во Скопје.

Тренерот на Нексе, Хровје Хорват, вели дека неговите момци се полни со самодоверба, иако загубија голем број пријателски натпревари.

„По шест месеци пауза конечно ќе играме на официјален натпревар, сите со нетрпение го очекуваме да започне. Лоша вест е што сè уште имаме проблеми со повредени играчи. Јанко Кевиќ сè уште чувствува болка во ногата и прашање е дали ќе биде подготвен за дуелот со Вардар, додека Марио Томиќ нема да биде во составот поради долгиот процес на рехабилитација. Томи Возаб е подготвен и ќе настапи на овој дуел. Во Скопје одиме со полна самодоверба. За Вардар не треба да се трошат многу зборови, сите знаеме кој е и што направил во последните години. Кога сите мислат дека е слаб, тој е уште поопасен. Очекувам добра игра на Нексе и пласман во завршницата во СЕХА лигата“, изјави Хорват.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра в сабота, на 29 август, со почеток во 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ пред празни трибини.