Келце доаѓа во Струга, се чека одговор од Веспрем, ПИК Сегед, Загреб, Целје…

Еден од најстарите ракометни турнири во светот, Струшкиот турнир, ова лето од 16 до 20 август ќе го има јубилејното 50. издание.

Организаторот ова лето на игралиштето покрај „Женска плажа“, планира да донесе силни екипи. Каталонскиот гигант Барселона ја одби понудата, но полскиот шампион Келце прифати да дојде во Струга.

Поканите веќе се испратени и до двете унгарски екипи Веспрем и ПИК Сегед, потоа до хрватскиот Загреб, словенечкиот Целје…и се чека нивниот одговор. Ковид мерки практично и да не постојат, па ќе биде полесно за странските екипи да дојдат во Македонија.

Покрај странските екипи неизоставен дел ќе бидат и македонските тимови, кои на број ќе бидат веројатно четири заедно со домаќинот Струга. Лани во финалето на турнирот играа Вардар и Еурофарм Пелистер, а титулата ја освоија „црвено-црните“.