Како Македонија може во полуфинале на ЕХФ шампионатот?

Пред одигрувањето на двете последни средби од групната фаза на ЕХФ шампионатот во Скопје останува дилемата која ќе биде втората селекција покрај Холандија што ќе се пласира во полуфиналето од Групата Б.

Македонија има свои шанси до последен момент иако според она што може да се види тие се теоретски. Ќе биде навистина тешко да се оствари тоа на терен, но сè додека постојат шанси вреди и да се верува дека може да се случи.

За да може Македонија да има шанси за 2. место во Групата Б прво денеска Холандија мора да го совлада составот на Фарски острови. Според ситуацијата колку е повисока разликата толку е подобро бидејќи на крајот би решавала гол разликата. Значи првиот услов е Холандија да победи, а вториот кој е додатен тоа да биде направено со што е можно поголема разлика.

Доколку се случи ова тогаш, Македонија ќе мора да го совлада Косово убедливо во последниот натпревар кој се игра денеска од 20:30 часот.

Во ситуација кога Холандија би ги победила Фарските острови, а Македонија селекцијата на Косово на крајот би имало израмнета ситуација. Македонија и Фарските острови би завршиле со по пет бода. Тогаш би решавала гол разликата, па на Македонија би и требала што е можно поголема победа.

Засега ситуацијата не е оптимистичка. Македонија има плус седум (88:81), додека Фарските острови дури плус 43 (92:49). Мисијата делува (не)возможна, но треба да се почека да финишираат двете средби.

Холандија игра против Фарските острови од 18 часот, додека Македонија против Косово од 20:30 часот.