И прволигашите тестираат: Аеродром го совлада Металург 2

Екипите на Аеродром и Металург 2 одиграа тест натпревар во подготовките за новата сезона, а победа забележа составот на Аеродром со 29:27.

Аеродром имаше предност и после првото полувреме во кое водеше со 15:14, па овој гол позитива во продолжението само го зголеми за плус два на крајот од натпреварот.

Стартот на средбата мина со водство на Металург 2. Помладите металурзи имаа предност од 6:2, но потоа дојде до враќање во игра на аеродромци кои израмнија на 6:6, а после 6:7 следуваше серија од 5:0 и целосен пресврт. Сепак во финишот од првиот дел Металург успеа да намали, па на одмор беше 15:14.

Вториот дел имаше речиси идентичен тек. Металург 2 отвори подобро и беше во водство во добар дел од полувремето. Сепак, како одминуваше времето Аеродром успеваше да се врати. Меѓутоа главното дојде во финишот од натпреварот кога после 26:27 следуваа три гола за Аеродром за победа од 29:27.

Ова секако е потврда за најавите дека Аеродром сезонава ќе се обиде да дојде до висок пласман односно да нападне на врвот за пласман во Супер машката лига.