ИХФ со нов преседан – И ја зема вајлд-картата на Полска, Македонија сега е втора резерва

Меѓународната ракометна федерација донесе нова преседан одлука, па си најде начин како шест репрезентации од Азија да добијат место на Светското првенство во Шпанија што е лоша вест за Македонија бидејќи наеднаш го загуби статусот на прва резерва.

ИХФ одлучи да и ја земе вајлд-картата на Полска која веќе и ја додели и истата сега ја добива Кина која не се пријави за Азиското првенство и со тоа не е дел ниту од квалификаците за пласман на Мундијалот.

Со давањето на вајлд-картата на Кина, Полска го добива статусот на прва резерва, додека Македонија е едно скалило пониско и сега е позиција број два кај резервите за настап на Светското првенство.

Оваа одлука доаѓа после сотанокот на раководните лица на светската федерација. Во соопштението стои дека за Азија биле планирани четири задолжителни места плус две според правилникот на ИХФ доколку обезбедат барем 12 учесници на шампионатот. Со оглед на тоа што Катар се откажа и останаа 11 земји од шампионатот на Азија на Мундијалот можат да одат само пет репрезентации.

Поради добрата работа на Азиската ракометна федерација решено е Азија да има шест учесници, па Кина добива вајлд-карта така што сега е вброена меѓу репрезентациите кои се на шампионатот во декември. Воедно на Мундијалот ќе одат и Јужна Кореја, Јапонија, Казахстан и Иран кои обезбедија полуфинале на шампионатот на Азија. Место ќе има и за уште една селекција, а таа ќе биде добиена во разигрувањето за пласман од 5. до 8. место. Таму разигруваат Узбекистан, Јордан, Сирија и Хонг Конг.