ИНТЕРВЈУ СО НАДА РОЧЕВСКА: Да оставиме поинаков белег во развој на спортската волонтерска култура

Со Нада Рочевска се запознавме на Европско првенство во ракомет на плажа, ние на новинарските трибини таа на терените како координатор на волонтерите на овој настан. Од тогаш поминавме многу првенства, настани, искуства.... Денес Рочевска е консултант експерт за менаџмент со волонтери во спорт, а повод за овој разговор е новата компанија која од неодамна почна да работи на ова поле.

Без волонтерите секој спортски настан, особено оние големите, важни, значајни е незамисливо да се одржи. Токму волонтерите ја покажуваат страста на луѓето кон спортот, на домаќините кои сакаат да го покажат своето најдобро светло, а на спортистите да им се угоди. Но, и тие волонтери треба да се организираат, да се извлече од нив најдоброто, да знаат што и како се очекува од нив, да се извлече најдоброто, но истовремено и да им се всади спортската култура, џентлменство, љубов.

Како и во многу други сфери и во делот на волонтеризмот Македонија има свои познати и признати личности, луѓе кои зад себе имаат огромно искуство. И сега тоа свое искуство сакаат и можат да им го пренесат на другите. Токму при собирање на тоа искуство Рочевска имала шанса да биде дел од големи настани вклучувајќи и Олимпијади. Беше дел од ЛОИ во Бразил, но на листовите во нејзиното CV има испишанo многу повеќе страници…

Нада Рочевска е поранешна кошаркарка, своето образование го насочила во спортскиот менаџмент, а моментално ja изучува Олимпискaтa наука на спортскиот универзитет во Келн, програма под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет.

Во моментов ги завршувам моите магистарски студии по Олимписка наука на Германскиот спортски универзитетот во Келн. Фокус на моето истражување на студиите ми е волонтерството на Олимписките игри низ историјата. Целото знаење сакам да го преточам во консалтинг услуги кои ќе дадат поинаков пристап за сите ние кои работиме во менаџменот со волонтери во спортот, и за сите оние кои имаат мали или немаат познавања од оваа област -започнува Рочевска.

Богатото искуството од волонтер до професионалец во спортскиот менаџмент стои зад идејата за формирање на консалтинг компанија.

„НР спорт волонтеринг солушнс“ е консалтинг компанија со седиште во Германија. Самата идеја дојде од моето долгогодишно искуство и работа во менаџментот со волонтери и како волонтер на одредени настани, вклучително и неколку Олимписки игри. Спортски настани на кои ја увидов потребата за еден поинаков, попрофесионален пристап кон менаџмент со волонтери во спортот. Сакав да го искористам моето академско познавање во областа и заедно со стекнатото искуство да го преточам во консалтинг компанија за менаџментот со волонтери во спортот.

НР спорт волонтеринг солушнс е консалтинг агенција која јас ја раководам, а соработувам заедно со надворешни експерти во областа на спортското волонтерство и олимписка едукација. Луѓе кои се професори, кои предаваат во оваа област со големо искуство зад себе кога е во прашање волонтерството на спортски мега настани. Токму тие ќе бидат одговорни за оној академски дел од концептот на НР Спорт солушнс.

Нудиме три видови на услуги. Еден дел е консалтинг кој нуди консалтинг за веќе направени волонтерски програми за одреден спортски настан. Организаторите често имаат потреба од ревизија на тој програм да се види дали и каде може да се подобри програмата. Вториот дел е оперативен менаџмент каде го вложувам целото искуство од големите спортски настани. Тоа е менаџмент со волонтери во спортот, опфаќа изработка на стратегија според потребата на организаторот, регрутација на волонтери, тренинг, развој на нивни вештини, а доколку има потреба во зависност од организаторот работиме и на развој на волнтерската култура во земјата, преку еден сегмент кој се нарекува спортско волонтерско наследство, тоа се волонтери чие знаење би можело да се употреби и на други настани. Третиот дел е едукативниот дел, менаџмент на волонтери во спортот е млада гранка во науката, се трудиме да работиме на поголема едукација низ светот, а секако и на Балканот тоа го нудиме преку организација на семинари, конференции и вебинари.

 

Животната приказна ја носи во Келн, Германија случајно или не токму од Келн е еден од најдобрите светски универзитети за спорт и спортски менаџмент.

По професија сум правник, во 2015 се одлучив за промена. Имаше многу приватни и професионални причини за тоа. Живеам во Германија и практично не беше возможно да работам во мојата струка таму. Во минатото професионално играв кошарка во Вигор Скопје, како човек кој се изгради преку спортот и кој ги познава сите елементи на спортот понатаму ги имплементирав во мојот секојдневен живот. Ми недостигаше таа енергија и дружење, таа поинаква животна филозофија која спортот ја дава. Тоа ме натера да се вратам, да размислувам подетално за кариера во професионалниот спорт. Започнав со спортски менаџмент, а начинот за стекнување што повеќе искуства го пронајдов во волонтерството на спортски мега настани. На почетокот бев дел од волонтерите, а потоа започнав да работам во секторот менаџмент на волонтери во спортот. Менаџмент на волонтери во спортот не е развиен многу на Балканот, има голем број истражувачи од земји како Србија, Хрватска, Бугарија, но сегментот волонтерство во спортот освен преку неколку организации кои се обидуваат да работат на ова поле не е доволно развиен.  Можеби постојат исклучоци и спортски организации кои бараат начин за подобрување на условите во своите професионални клубови преку позиции кои би можеле да се пополнат со развој на волонтерство во спортот, но тоа е сведено на минимум.

За волонтерството во спортот се знае многу малку како помлада гранка во спортскиот менаџмент, а во Македонија се уште сме на почетокот…

Во Македонија тоа е нешто ново. Кај нас се смета дека секој може тоа да го работи, не треба никакво предзнаење, а сите знаеме дека волонтерите се тие кои ни го даваат своето најдрагоцено нешто-своето слободно време. За да ги менаџирате тие луѓе, за да ги привлечете и задржите нивниот интерес за волонтерството и да ги развиете нивните вештини треба знаење. Не е воопшто толку едноставно како што може да се замисли. Менаџмент со волонтери е дел од менаџментот со човечки ресурси и кога работите со луѓе секогаш ќе се соочите со предизвици за кои треба да знаете како професионално да им пристапите. Волонтеството особено спортското волонтерство во земјите од комунистичкиот блок и социјалистичките земји не е доволно развиен за разлика од западна и северна Европа. Тоа се должи на една поинаква традиција. Денес полека тој тренд се менува, се инвестира, за развој на волонтерствтоо особено волонтерството во спортот треба да се исполнат повеќе фактори. Многу е важен материјалниот елемент и културата.

 

Професијата менаџер со волонтери во спортот секако е многу ретка, а особено на Балканот. Токму услугите кои ги нуди „НР спорт волонтеринг солушнс“ се создадени преку искуството на Нада, а иницијалната каписла за почеток на новата приказна со консалтинг компанија се случила во Скопје во 2017 година.

Мојата идеја за самиот консалтинг тргна од УЕФА Супекупот 2017 година, каде бев заменик менаџер за волонтери. За мене оваа позиција носеше голем предизвик, се соочив со 92 прекрасни луѓе, волонтери, кои ја претставуваа нашата земја го претставуваа настанот, но воедно требаше да бидат и максимално мотивирани за да ги исполнат своите обрски. По завршувањето на самиот настан, нивната желба да продолжат со волонтерството, да бидат корисни, да се стекнат со нови знаења и нови пријателства ми покажа потреба за развој на спортското волонтерство и во нашата земја. Преку компанијата за консалтинг, сакам да го искористам своето знаење и практично и академско за да помогнам во развој на спорската волонтерска култура во Македонија и секако на Балканот.

Кој е потенцијален клиент на „НР спорт волонтеринг солушнс“?

Наши клиенти се субјекти од било какви размери кои имаат некакви допирни точки со спортот. Тоа вклучува локални организациони комитети на спортски настани или спортски мега настани (Европски, Светски првенства, Олимписки игри…), локални комитети на ниво на град или регион, домашни и меѓународни спортски федерации, професионалните клубови, невладини организации со проекти во област на спорт и секој кој смета дека има потреба од нашите услуги поврзани со спортот.

„НР спорт волонтеринг солушнс“ е фокусиран на едно глобално ниво, го сакам тој нелимитиран пристап и начин на размислување па затоа повеќе се пронаоѓам во светски рамки наместо во одредени земји и пазари. Спортскиот менаџмент како таков постои и опстојува секаде, но овој нов концепт консталтинг со надворешни експерти од поединечни области, а поврзани за волонтерството го прават „НР спорт волонтеринг солутшнс“ единствен. Мене ми е драго што тоа веднаш беше препознаено, па имаме проект со невладина органзиација од Западна Европа во рамките на Еразмус + програмата, со која работиме за развој на спортското волонтерство и даваме професионален пристап со покривање на сите пропусти и недостатоци со кои се соочуваат волонтерите на еден настан. Создаваме еден водич кој треба да биде тестиран преку онлајн едукативна програма и крајниот продукт ќе се презентира на еден спортски настан.

Започнуваме пилот проекти со организации од азискиот континент. Таму се обидуваме да го покажеме значењето на спортското волонтерство на настани. Како и застапеност и инволвираност на лицата со физички недостатоци во опшетеството преку волонтерство.

За да бидеш успешен во некое поле мора прво да ја запознаеш и другата страна на работата. Волонтерството е начин на живот, а Нада токму преку волонтерството го пронаоѓа својот професионален порив. Како дел од волонтерите била присутна на многу големи настани, а меѓу нив и неколку Олимписки игри. За тоа што ја научи искуството како волонтер, Рочевска вели:

Волонтерството е стил или начин на живот. Често знам да кажам „Ако ти влезе под кожа знае да не излезе“. Дружбата со луѓето, стекнување нови вештини и пријатели, начин на запознавање со нова култура, запознавање со нови работни места, ова посебно го зборувам за младите волонтери кои се на крстопат каде би се запишале на факултет, или што би сакале да работат во иднина. Преку волонтерството имаат можност таа работа да ја искусат и да понатаму за себе да определат дали тоа место кое го искусиле како волонтер е правата професија за нивната иднина.

Мене волонтерството тоа и ме научи, покрај дружбата ме научи на еден сериозен професионален пристап, бидејќи не е важно дали работите волонтерски или не, вашите обврски се исти, вашиот пристап е ист, вашата сериозност е иста и сето она што се бара од вас. На Олимписките игри има волонтери кои доаѓаат од целиот свет, но сите го зборуваме истиот јазик, јазикот на волонтерите, а тоа значи да си дружељубив, да ги прифаќаш и почитуваш туѓите култури, да не ги вреднуваш работите само како добри и лоши, туку да ги прифаќаш какви што се, да го споделуваш своето искуство и да си подготвен да споделиш нешто од твојата култура но и да научиш од другите. Едноставно ги прошируваш видиците со едно искуство кое не може да се замени со ништо. Тоа е она што секогаш ме водело напред и се уште ме води од земја во земја без разлика дали сум консултат или волонтер.

Постојат три вида на бенифити кога волонтирате во спортот: лични, социјални и професионални. Тоа значи дека можете да работите на подобрување и развој на социјалните вештини, комуникацијата, личниот развој и стекнување на самодоверба,чувство на вредност и креирање нешто битно како за волонтерот така и за општеството, лична гордост од постигнатите волотерски успеси…

Волонтерството особено го препорачувам на луѓето од сите старосни групи кои се чувствуваат осамени, депресивни, им недостига чуствство дека припаѓаат некаде, во тим. Волонтеризмот дава одлична шанса за дружба, размена на мислења, идеи, разговор, стекнување нови пријателства проширување на личните хоризонти и едно чувство на убава обврска и одговорност кое ќе ве носи во секој нов ден.

Токму таа дружба и искуство секоја година на големите светски настани собира голем број волонтери на едно место, а меѓу има професори, научници, политичари, спортисти, професионалци во спортот и менаџментот…

Мојот повик како волонтер и денес постои и како експерт во менаџментот за волонтери во спортот, па одвреме навреме знам на одредени настани да аплицирам и како волонтер. Сметам дека сите ние кои работиме во одредена област, ние сме најдобри амбасадори на нашата работа. Волонтерството ми ги даде најдобрите пријателства, најубавите дружби и најубавите спомени.

Во многу земји во светот луѓето имаат перцепција дека секој кој сака да стане волонтер автоматски станува волонтер. Тоа не е така, постои систем за апликации и преку тој систем се прави првична филтрација, потоа по пат на интервјуа се одбираат најсоодветните позиции за секој од избраните волонтери. Еден волонтер ќе биде среќен доколку биде почитуван, доколку неговиот труд е соодветно вреднуван и доколку е поставен на поизција на која му соодвествиваат неговите вештини и знаење. Тоа се три битни карактеристики за еден волотер да се чуствува вреден, а кога е така тој секогаш ќе се врати со желба да ја продолжи соработката.

Волонтерството не познава граници, потребна е желба за да ви се отворат поинакви животни видици. Затоа и работата со волонтерите е една од најспецифичните кога во прашање е спортскиот менаџмент.

Волонтерството и спортското волонтерство воопшто не е врзано за годините туку за вашата желба и тоа е сè што ви треба за да бидете волонтер. Да знаете што сакате, зошто го сакате и да знаете каде да се обратите. Точно за одредени позиции е потребна помлада популација, меѓутоа луѓето во посериозни години и нивното искуство се апсолутно добредојдени на одредени позиции. Затоа и постои тој менаџмент со волонтери и затоа треба да сте образувани во тој сегмент, за да знаете каде секој волонтер може да го сместите.

Откако ќе одлучите да се посветите на волонтерството главен проблем е каде да се обратите и како да станете волонтер.

Откако ќе одлучат како и каде сакаат да го инвестираат слободното време, треба да знаат како да го пронајдат вистинскиот пат до одредена волонтерска позиција. Денес сите повици за волонтерство ги имате на социјалните медиуми или да ги пронајдете на интернет. Доколку се работи за повици за волонтерство на спортски настани, повиците се објавуваат на интернет страниците на локалните организациони комитети. Доколку зборуваме за волонтерство во професионален клуб тоа е поинаков сегмент на волонтерство. Тогаш имаме волонтери кои се фанови на одреден клуб, кои се водени од поинакви лични интерси и потреби. Тие повици се секогаш назначени на страните на професионалните клубови. Обично се пристапува преку процес на апликација, потоа ве контактираат и доколку ја прифатат вашата апликација станувате дел од волонтерската програма на самиот клуб.

Ние сме компанија за консалтинг и не создаваме база на волонтери, но секој кој е заинтересиран нема никаков проблем да нè исконтактира и кога јас и мојот тим работиме на некој настан и имаме потреба од волонтери, соодветно на нивните вештини и искуство можеме да ги вклучиме на одредени позиции. Консалтингот не е фокусиран само на германското подрачје, ниту само на Балканот, туку е меѓународен, функционираме во светски рамки. Секој еден кој има интерес во некој спорт или клуб и кој е спремен и сака да даде дел од своето знаење може да нè исконтактира и да стане потенцијален волонтер.

Волонтерството во спортот и неговиот менаџмент во светски рамки е во зародиш, постојат многу малку успешни организации кои се занимаваат со оваа проблематика. И како сè што е ново, се соочува со скептицизам и недоверба. Затоа е потребна нова енергија и нов бран на ентузијазам кој треба да ги поведе волонтери на едно повисоко ниво.

Ме радува тоа што луѓето ја препознаваат потребата од професионален пристап кон менаџментот на волонтери во спортот и мојот основен порив е да оставиме поинаков белег во развој на спортската волонтерска култура, а со самото тоа да го зголемите бројот на волонтерите во спортот.

Повеќе информации за консалтинг компанијата „НР спорт волонтиринг солушнс“ и Нада Рочевска можете да најдете на линкот.