ИНТЕРВЈУ САРА РИСТОВСКА: Верувам во мојата генерација! Ние сами си ја градиме шансата и иднината!

Ракометарка без која не може да се замисли женскиот сениорски национален тим во моментов е Сара Ристовска. Десното крило е лидер на оваа генерација, која се обидува да ја врати Македонија на големите натпреварувања, од каде женскиот ракомет апстинира од 2012 година. Најдобриот стрелец во мундијалските квалификации паралелно расте и на клупски план. Таа ќе биде наш претставник и на Ф4 во Будимпешта во Лигата на шампионите, заедно со нејзиниот клуб ЦСКА Москва.

За Ристовска ракометот не бил прва опција. Таа тренирала фудбал затоа што потекнува од фудбалска фамилија (сите машки членови се фудбалери), но потоа се преориентира кон ракомет, а нејзините почетоци се во Ракометната школа Кастратовиќ. Во Металург се развива како играч, додека во редовите на шампионскиот ЖРК Вардар вистински созрева. Со „црвено-црните“ трипати ќе биде дел од финалниот турнир во Лигата на шампионите, но нема да успее да стигне до титулата.

Во последните три години гради интернационална кариера. Една сезона мина во словенечки Крим, а од таму се пресели во ЦСКА Москва со која пред неколку дена одново стигна на Ф4 во Будимпешта. Ристовска истовремено се трансформираше и во лидер на женската репрезентација, која е пред тежок тест – бараж двомечот со Романија за пласман на Светското првенство во Шпанија во декември. Но, за нејзината генерација главниот предизвик допрва следи, ЕП 2022 во кое Македонија е ко-организатор со Словенија и Црна Гора.

„Задоволство ми е и чест тоа што сум дел од оваа репрезентација. Постојано потенцирам колку сум горда што сум дел од овој тим. Голем дел од девојките кои сме во моментов во репрезентацијата растевме и бевме заедно во неколку клубови. Се познаваме премногу добро и како што се дружевме во тие клупски времиња, така и продолжуваме сега. Имаме убава атмосфера и се трудиме и помладите ракометарки да ги вклопиме во нашиот систем и дружење, да им посветиме внимание и да ги насочиме на правите потези. Успех без атмосфера и хемија не може да се направи, а ние сето тоа го имаме и треба само да го пренесеме на теренот“, нагласува Сара Ристовска уште на стартот и продолжува: „Верувам во нас и во нашите квалитетите. Имаме континуитет, систем… тоа дека има позитивни промени се гледа и по резултатите. Се држиме заедно и се поддржуваме. Сами си ја градиме шансата и иднината на оваа репрезентација! Тоа ни е потребно и против Романија, да се држиме заедно, да бидеме дисциплинирани во игра и се што е договорено мора да се испочитува. Имаме победнички менталитет, кој кога е на максимум верувам дека ќе ни донесе и позитивен резултат.“

 

Ти си лидер на репрезентацијата и единствената ракометарка во нашиот тим која настапува и во Лигата на шампионите, па од таму најмногу и се очекува од тебе. Го чувствуваш ли тоа како товар, како притисок?

„Не чувствувам никаков притисок, напротив тоа ме мотивира. Да, јас сум еден од лидерите во тимот, но ракометот е колективен спорт, ние една без друга не можеме. Сите имаат мал дел од моето лидерство.“

Без разлика што ќе се случи во баражот за СП со Романија, факт е дека најдоброто од оваа репрезентација ќе се очекува на Европското првенство следната година, на кое Македонија е еден од организаторите.

„Да бидам искрена едвај го чекам тоа Европско првенство на кое ќе бидеме домаќини. Долги години Македонија не биле дел од едно големо натпреварување и иако има време дотогаш, нетрпеливо го очекуваме и верувам дека ќе бидеме подготвени. Ќе имаме привилегија да играме пред домашна публика (се надевам) и секоја од нас има огромна желба најдоброто од себе да го даде на тоа првенство и да направиме успех, кој ќе биде значаен за сите нас. Во спортот сè е возможно и затоа верувам многу.“

Може ли ЕП 2022 да биде поттик за женскиот ракомет да го врати стариот сјај? Каде според тебе грешиме во развојот на женскиот ракомет?

„Трагично е што овие години не се вложуваше во женскиот ракомет. Притоа има многу негативни коментари и ’експерти’ кои зборуваат за нас. Сите млади ракометарки треба да погледнат каков бил женскиот ракомет во Македонија пред многу години, а каков е сега, воопшто не се споредува! Има многу тренери, но треба да се работи. Треба да даваат 150% за да ги насочуваат спортистите кон правите цели. Ние тоа го немаме! Има премногу мешањето на луѓе од страна и тоа е една од негативните причини за ракометниот неуспех кај нас. Кога би се смениле тие работи, ќе се појави сосема друга слика во поглед на ракометот.“

ВО ЖРК ВАРДАР МИ СЕ ОСТВАРУВАА СОНОВИТЕ

Првите ракометни чекори Ристовска ги прави во Ракометната школа Кастратовиќ, но како играч расте во редовите на ЖРК Металург, а потоа во ЖРК Вардар.

„Мојата ракометна приказна почнува во школата на Кастратовиќ, имав од кого да научам ракомет и да го засакам, но факт е дека во ЖРК Металург се градев како играч, додека во ЖРК Вардар созреав. Во Металург имав соиграчки со кои заедно растевме и кои делеа искуство со мене и многу си помагавме и се поддржувавме една со друга во тие почетоци. Трансферот во Вардар беше нешто за што сонував. Таа година имав понуда и за Крим, но се одлучив за Вардар. Тогаш во вардаровата екипа играа ракометарки кои беа причината поради која толку го засакав ракометот – идоли! Иако имав шанса толку рано да почнам со градење на интернационална кариера трансферот во Вардар никогаш не сум ни помислила дека е грешка или дека во тој момент правам грешка со изборот. Таму го стекнав најголемото искуство, учев од најдобрите, и се изградив себе си, како карактер и како играч, и она вистинското за што сакам да се борам во животот и да ја постигнам целта – ракометот. За сè што преживеав и доживеав во Вардар, толку убави моменти, ќе ми бидат потребни три дена за да зборувам за тоа. (се смее) Стекнав пријателства за цел живот. Соновите ми се остваруваа… Најмногу од се посакував да ја освоиме Лигата на шампионите, тоа ми беше најголем сон, но не се случи. Особено последната сезона кога знаевме дека веќе тој, шампионски, тим нема да постои имавме преголем мотив. Но, се што се случува во животот и во кариерата е искуство и лекција од која се учи.“

Според тебе која е причината поради која не ја освоивте Лигата на шампионите со ЖРК Вардар?

„Мислам дека среќата не беше на наша страна. Толку беше жално и тажно што сеуште ме боли кога ќе се вратам на тие денови. Не можам да ја дефинирам вистинската причина. Едноставно кога требаше највеќе да се држиме сите заедно, ние тогаш попуштавме. А противникот, во случајот Ѓер, тоа го имаше од прва до последна минута.“

САКАМ СО ЦСКА МОСКВА ДА ОСВОЈАМ ЕВРОПСКА ТИТУЛА

Сара Ристовска можеби не успеја со ЖРК Вардар да стигне до кровот на Европа, но сега има нова шанса, со дебитантот на Ф4 во Будимпешта, ЦСКА Москва да го стори тоа. Крилото вели дека сонува за такво нешто.

„Вистина е, сега имам нова шанса, со ЦСКА Москва (се смее). Конкуренцијата е силна, тоа е вистина, но според мене на Ф4 победува срцето и менталитетот. Тоа е клучот за титулата во Лигата на шампионите. Сега најголема желба ми е да ја освојам европската титула со ЦСКА Москва. Претходно во четвртфиналето против ЧСМ кога игравме во Букурешт им зборував на девојките дека тоа е за нас големото финале, но сега доаѓа она главното.“

ЦСКА Москва ќе дебитира во „Ласло Пап“ во Будимпешта, а до таму стигна со неверојатен пресврт во четвртфиналето и елиминација на ЧСМ Букурешт.

„Клупските цели беа пласман на Ф4 (и освојување на руското првенство), но дека ќе се случи на ваков начин, тоа никој не можеше ни да замисли. Имавме и голема поддршка од публиката во реваншот, тие беа нашиот осми играч. Жалам само што не успеавме да прославиме заедно. По натпреварот секоја од нас мораше да се посвети на репрезентативните обврски, но кога ќе се вратиме во Москва сигурно ќе има голема прослава, која апсолутно ја заслуживме.“

ПУБЛИКАТА МНОГУ НЕДОСТАСУВА

Десното крило на руско тло игра пред полни трибини, додека на голем дел од клупските гостувања, но и со настапите со националниот тим поради пандемијата натпреварите ги игра во празни сали. Колку реално недостасува публиката?

„Веќе напоменав, кога играме дома, публиката е нашиот осми играч во секој поглед. Сите тие луѓе се заразени со ракометот и затоа доаѓаат да нè бодрат. Во Русија на секој натпревар има премногу публика и многу е полесно да се игра кога имаш таква огромна поддршка. Во Македонија поради коронавирусот уште не е дозволено публика на трибините и тоа недостасува. Не е иста атмосферата со и без неа, недостига амбиентот, поддршката, мотивот плус кој го дава публиката, но факт е дека и без тоа даваме се од себе на теренот и се бориме максимално.“

РУСИТЕ МЕ ПРИФАТИЈА КАКО СВОЈА, ОСТАНУВАМ И СЛЕДНАТА СЕЗОНА ВО ЦСКА

Ристовска ја игра својата втора сезона во ЦСКА Москва, а таа ни потврди дека го продолжува договорот со клубот на уште една сезона. Интересно е што Русите се сметаат за (по)затворени луѓе кои тешко прифаќаат странци, но Сара делува дека перфектно се адаптирала во средината.

„По првата интернационална сезона во Крим (каде поминав преубава година) се одлучив за она што сметав дека е најдобро за мене – ЦСКА Москва. По две години минати во овој клуб, потпишав нов договор со нив. Буквално се пронајдов во таа средина. Русите ме прифатија како своја, што е сулудо. Тие се многу затворени, но ако ти дозволат да ги запознаеш ќе добиеш сосем различно мислење за нив. Јас успеав да се адаптирам, да се спријателам и со Русинките, иако повеќе се дружам со странците. Ми се допаѓа стилот на ракометот, организацијата во клубот, а и животот во Москва е преубав. Го научив и јазикот брзо затоа што има многу сличности со нашиот. Среќна сум тука и доколку работите останат како што се, не би ми пречело уште многу години да останам во овој клуб.“

На долгата листа тренери и ракометни ѕвезди со кои делела ист дрес од неодамна е и една од руските ракометни легенди, Олга Акопјан, која е нов стратег на ЦСКА Москва. Постои ли тренер од кој имаш најмногу научено?

„Не би можела да извојам еден тренер. Работев со многу тренери во мојата досегашна кариера и секој од нив има посебен придонес за она што сум денеска. Што се однесува до Акопјан, за неа е ова ново искуство, прва сезона како тренер. Таа има богата играчка кариера која сега сака да ја пренесе како тренер. Имаме одлична комуникација, си помагаме една со друга и се надевам дека заедно ќе дојдеме до големи успеси.“

Со само 24 години Ристовска е на добар пат да прерасне во национална ракометна легенда, и се чини дека е подготвена за предизвикот без разлика дали ќе биде тоа клупски или репрезентативен.

„Сама одлучувам во која насока ќе ми оди развојот на кариерата или општо во животот. Подготвена сум за сите предизвици кои ќе се појават пред мене.“