Драма во Гостивар: Аеродром во последната секунда до реми кај Јехона

Тимот на Аеродром успеа да остане непоразен на гостувањето кај Јехона, 28-28, откако Бојан Божиновски погоди во последната секунда за реми.

Гостите имаа плус пет во првото полувреме, 12-7, но како одминуваше времето така домаќините се враќаа во игра.

На паузата Аеродром водеше со 14-12, а на стартот на вториот дел Јехона стигна до реми и до крајот се играше израмнето.

Во последните седум секунди се влезе со водство на гостиварскиот тим, 28-27, пред Стоилов да побара тајм-аут, а по одлично организираната акција, Божиновски стрелаше во домашната мрежа за реми и бод.

Искусниот Адис Салиу постигна десет гола и беше најдобар стрелец во составот на Јехона, додека Бојан Поповски и Димитар Аврамовски стрелаа по седум пати за Аеродром.

На крајот на сезоната, Аеродром е седми со 23 бода, додека Јехона има исто толку на осмото место на табелата.