ИНТЕРВЈУ ПЕТАР И ПАВЛЕ АТАНАСИЈЕВИЌ: Првата шанса во А тимот ја пропуштивме, но времето работи за нас!

Браќата близнаци Петар и Павле Атанасијевиќ се едни од лидерите на втората екипа на Еурофарм Пелистер. По само година дена во редовите на битолскиот клуб 18-годишните ракометари добија повик од селекторот Кирил Лазаров во А репрезентацијата, а според многумина тие се и иднината на македонскиот ракомет. Првата голема шанса, која можеше да им донесе и настап на Европското првенство во јануари ја пропуштија бидејќи не беа вакцинирани против ковид-19 (нешто што е задолжително по правилата на ЕХФ), но сметаат дека времето работи за нив. Фокусирани се на ракометните кариери и на работата во клубот, со кој се обврзаа на соработка до 2025 година. Веруваат дека Еурофарм Пелистер е вистинската средина за да се развијат како професионалци, а за сè што клубот им овозможува ќе се обидат да се оддолжат со шампионска титула.

Петар и Павле во ракометот влегуваат по иницијатива на нивната мајка, која била поранешна ракометарка во велешки Борец, а има настапи и за скопскиот клуб „Железарка“. На 12 години близнаците почнуваат да тренираат ракомет во Академијата на Стевче Алушовски. Алушовски и Благојче Весиќ се оние кои ги учат на основите, додека вистинскиот развој се случува под водството на Александар Јовиќ, кој им е и актуелен тренер во Еурофарм Пелистер 2. Додека растат менуваат позиции – крила, бекови, а сега Павле игра лев бек, додека Петар е лево крило, но може да покрие и како среден бек.

Многу рано, на 16. години се одлучуваат да се осамостојат, семејството останува во Скопје, а тие одат во Битола следејќи го својот сон – да станат професионални ракометари. Иако се се уште тинејџери во интервјуто за 24ракомет близнаците оставаат впечаток дека знаат точно што сакаат и комплетно се фокусирани кон својата цел. Меѓусебно си се и ривали, но и најголеми мотиватори и се туркаат еден со друг за да успејат. Поддршката од семејството и најблиските е она што дополнително ги храни, како и желбата еден ден да ги достигнат своите идоли.

АЛУШОВСКИ НĖ НАУЧИ ДА ОДИМЕ, ЈОВИЌ НИ ДАДЕ ШАНСА

„Мајка ни нè насочи на ракомет. Како поранешна ракометарка нè запиша во Академијата на Алушовски. Стевче виде потенцијал во нас и заедно со Весиќ нè научија да одиме (се смеат) нè воведоа во основата. Добивме шанса да играме со повозрасна генерација и на почетокот игравме на крилните позиции, потоа кога малку се оформивме игравме бекови, а кога нè превзема Александар Јовиќ во 2018 година ги добивме актуелните позиции. Јовиќ ни даде шанса и нè научи да играме ракомет. Ние на 16 години со Академијата игравме во Прва лига и тоа многу ни помогна да созрееме и како играчи и како личности.“, заеднички објаснуваат браќата и продолжуваат: „Јовиќ е и една од причините поради кои дојдовме во Битола. Заедно со желбата да бидеме самостојни, која ја имавме од мали нозе, како и тоа да се изградиме како професионалци и да направиме ракометни кариери – шанса која ни ја понуди Еурофарм Пелистер.“

Петар и Павле скромни се и свесни дека ракометот е тимска игра и дека екипата е пред индивидуалецот. Се надополнуваат еден со друг, но истовремено потенцираат дека не се зависи само од нив, туку многу работи препишуваат на колективот, кој го прави вториот тим на Еурофарм Пелистер едно од најпријатните изненадувања сезонава.

„Ние сме фокусирани и посветени на нашата цел – да се развиеме во врвни ракометари. Имаме и желба и визија и да можеби сме едни од лидерите во екипата, но факт е дека не зависи сè од нас. Ракометот е тимска игра и треба сите заедно да го дадеме најдоброто за да дојдеме до резултат“, потенцира Павле и додава: „ Да ми кажуваше некој дека за толку кусо време проектот во кој влеговме ќе порасне на ова ниво немаше да му верувам. Ова е резултат на напорна работа и желба и надеж. Во Еурофарм Пелистер 2 има одлична тимска атмосфера, постои комуникација и отвореност меѓу играчите. Кога нешто ни смета си ги кажуваме грешките еден на друг, затоа што сите заедно сакаме да направиме нешто и да успееме. Се работи сериозно и точно се знае кога работиме, а кога се забавуваме.“

„Убаво е и што се надополнуваме еден со друг. Си укажуваме на грешките. Знаеме да се лутиме и почесто да се скараме околу ракометот, но потоа сфаќаме дека едниот или другиот е во право, си ги признаваме грешките и одиме понатаму. Си даваме поддршка го гледаме најдоброто еден за друг, се трудиме едниот ако успее и другиот да успее. Постои и ривалство, тоа најдобро се гледа на игрите за загревање кои ни ги даваат на тренинг (се смее) но и цело време се обидуваме да се мотивираме меѓусебно“, се надоврзува Петар, кој е три минути постар од неговиот брат.

ПОБЕДАТА НАД ВАРДАР УШТЕ ДЕЛУВА НЕРЕАЛНА

Вториот тим на Еурофарм Пелистер го направи и најголемото изненадување во првиот дел од сезоната, го победи актуелниот првак Вардар во Битола, нешто што не им успеало ниту на нивните поискусни колеги.

„И самите бевме изненадени! Нè очекувавме дека може да победиме двократен европски првак. Реално немавме амбиции, ниту притисок, влеговме со ладни глави како против секој друг противник. Го извадивме најдобро од себе и индивидуално, но и како екипа. Атмосферата за игра во салата беше фантастична. ‘Чкембари’ ни беа ветер во грб и со таква поддршка се случи невозможното да стане возможно. На крајот почнавме и да веруваме дека може да победиме и тоа и се случи. Како во сон беше се потоа. И ден денеска не ни се верува дека сме го победиле Вардар“, коментира Павле.

Растат амбициите и самодовербата по една таква победа?

„Секако! Нашата цел е место во плеј-офот, кое веќе го имаме обезбедено и ако успееме да дојдеме до пласман во Европа. Искрено, приоритетот на вториот тим е да создава играчи за првиот тим. Акцентот е ставен на развој на млади играчи, кои ќе го ‘хранат’ првиот тим. Немаме наметнат резултатски притисок, дека мора да се игра Европа, но работите се движат во добра насока и ако имаме таква шанса, зошто да не ја искористиме“, смета Петар.

ВЕРНИ НА ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР ДО 2025 ГОДИНА

Близнаците во септември годинава ја продолжиле својата верност кон Еурофарм Пелистер до 2025 година. Тие имаат корени од Битола и тоа е позната средина за нив во која се чувствуваат како дома. Кога на сево ова ќе се додадат и одличните услови кои ги имаат во клубот за развој на кариерата, не почувствувале дека треба да заминат.

„Во септември потпишавме нови договори со Еурофарм Пелистер и остануваме во клубот до 2025 година. Сметаме дека ова е идеална средина за нас, која ни помага да се изградиме и како личности, но и како ракометари – професионалци. Сè до доаѓањето во Битола училиштето ни беше приоритет, но кога Еурофарм Пелистер ни понуди шанса, која не смеевме да ја пропуштиме ракометот дојде во прв план. Сега сме фокусирани на градење на ракометна кариера. Тука имаме можност за напредок, шанса да продолжиме во првиот тим и да продолжиме да растеме. Се надеваме дека во годините кои следат ќе успееме да ја освоиме шампионската титула со клубот затоа што тоа ќе биде идеален начин да се оддолжиме за сето она што го добивме тука. Или, пак, во поблиска иднина да покажеме дека Еурофарм Пелистер 2 е сериозна екипа која заслужува да игра во Европа“, велат браќата, кои паралелно со ракометот, вонредно учат Средно медицинско училиште (општа насока).

АЛКАЛОИД, ЕДИНСТВЕН СО КОНКРЕТНА ПОНУДА

Со играта која ја прикажуваат Петар и Павле привлекуваат внимание на голем дел од домашните клубови, а единствено прволигашот РК Алкалоид им пристапил со конкретна понуда.

„Имавме конкретна понуда единствено од ‘Алкалоид’. Но, сметаме дека во Битола ни е подобро и дека имаме поголем простор и шанса за напредок и затоа остануваме тука“, кусо објаснува Павле.

„САМИ ОДЛУЧИВМЕ ДА НЕ СЕ ВАКЦИНИРАМЕ“

Паралелно со клупската браќата ја развиваат и репрезентативната кариера. По настапите за младинската селекција, во ноември лани стигна и повикот од селекторот Кирил Лазаров за А националниот тим. Павле доби шанса со репрезентацијата да патува за Каиро и да има скромна минутажа во двомечот со Египет. На нив се сметаше и за Европското првенство во јануари во Унгарија и Словачка, но бидејќи не беа вакцинирани против Ковид-19, не можеа да се најдат на поширокиот список (според правилата на ЕХФ).

„Причината е едноставна – нè сакавме да се вакцинираме! Родителите ни рекоа дека сме доволно возрасни сами да одлучиме што сакаме да правиме и ние одлучивме да не се вакцинираме. Зошто не сакавме – нема конкретна причина“, вели Павле.

Факт е дека таквата одлука беше пречка да влезете во А репрезентацијата, а со тоа ја пропуштивте, можеби, и шансата, можеби за прво учество со сениорите на едно големо натпреварување.

„Свесни сме за тоа, и многупати имаме зборувано, но веруваме дека сме уште млади, дека времето е пред нас и дека ќе имаме нова шанса. На моменти жалиме што првата можност ја пропуштивме, но тоа е минато, мора да се фокусираме на она што е пред нас и дека ќе ја искористиме веќе следната шанса која ќе дојде“, дециден е Петар.

Тоа значи дека во меѓувреме ја сменивте одлуката околу вакцинирањето? Новата шанса може да дојде веќе во март, кога го играме баражот со Романија за пласман на СП 2023.

„Се двоумиме во моментов, уште немаме донесена одлука. Ќе мислиме на тоа кога ќе дојде време“, велат близнаците и додаваат: „Пред ЕП од Федерацијата неколкупати не контактираа за тоа дали ќе се вакцинираме или не, каков ни е ставот… Сега никој не нема контактирано од РФМ, па ќе видиме што ќе донесе времето. За нас настап за А национален тим А е свето нешто, играш за нација, за држава и сосем различно е чувството кога играш за клуб и за репрезентација. Шансата да бидеме дел од тој тим ја чувствуваме како предизвик и како привилегија да се добие таков статус и тоа е мотив да работиме повеќе на себе.“

ЗНААТ ТОЧНО КОН ШТО ЦЕЛАТ – КОН ВРВОТ

Петар и Павле се едни од ретките ракометари кои можат да се пофалат дека биле дел од камп на Барселона (во Хрватска) кога Борко Ристовски беше играч на каталонскиот гигант. Таму добиваат поинаква визија за професионализмот која се обидуваат да ја применат и сега. Како тинејџери многу жртвуваат од дружбите и забавата со врсниците, затоа што нивните амбиции се поинакви, а безрезервната поддршка и разбирање од семејството е она што најмногу им значи во целиот процес.

„Со се што ни се случуваше при развојот на кариерата: од 15-16 години настап во Првата лига со Алушовски, потоа и преселбата во Битола каде ги немаше повеќе мама и тато и моравме да научиме како да бидеме домаќини, искуството кое го собравме како дел од кампот на Барселона во Хрватска, сето тоа направи побрзо да пораснеме и да созрееме. Од шпанските тренери на кампот научивме многу што и како е потребно за да се развиеш во вистински професионалец. Имавме и убави предавања и конкретна ракометна тактика“, вели Павле, а Петар го надополнува: „Жртвуваме многу и претходно и сега. Моравме од многу работи да се откажеме – родендени, забави, излегувања со другарите. Но, го користиме слободното време за да се дружиме со пријателите и врсниците. Имаме свои цели. Сакам да пораснам во врвен спортист и тоа ќе биде оправдување за сите жртви кои сум ги правел досега. Сакам да се пробам и во странство, зошто да не!? Но, зависи што ќе донесе времето и колку јас ќе се пронајдам во некоја средина.“

„Потребно е прво да пораснеме како играчи. Да се издигнеме на ниво на нашите идоли пред да може да мислиме на интернационална кариера. Сакам да напредувам и како играч и како човек, а потоа да целиме најдалеку што може – зошто не и врвот! Ја имаме поддршката од родителите со кои отворено разговараме, кои ни се и големи критичари, но и големи советници и не тераат да учиме од грешките. Медал со репрезентација, тоа е сон, животно достигнување. На клупска сцена – титула во Лигата на шампионите, нема играч што не сонува за тоа. Зошто и ние да не сонуваме!? Времето е пред нас!“ – оптимист е Павле.