ИНТЕРВЈУ ПЕТАР АНГЕЛОВ: Не се давам, ќе бранам уште една сезона!

Петар Ангелов – Диви е еден од ретките македонски ракометни легенди, кој и на 44. години се уште има активна кариера. Во последнава сезона го чува голот на македонскиот суперлигаш Пролет.  На домашната сцена почнува во Тиквеш, а ги бранел боите и на трите најдобри наши клубови Пелистер, Металург и Вардар, со кој ќе ја освои и ЕХФ Лигата на шампионите во 2017 година. По повеќе од три децении во ракометот, голманот и натаму има и желба и сила за да биде во игра, вели „барем уште една сезона“. А, веќе мисли и се подготвува и за тоа што по крајот на кариерата.

Ангелов е и поранешен репрезентативец кој две децении го носеше националниот дрес, зад чие име се запишани преку 200 настапи во сите категории и кој беше дел од најголемите успеси на својата генерација (деветото место на СП 2009 во Хрватска и петтото место на ЕП 2012 во Србија). Тој е еден од петте македонски ракометари кои можат да се пофалат дека се освојувачи на елитниот европски трофеј во својата клупска кариера, која има и интернационална нота со настапите за француски Трембле, Анталијаспор, Турција, австриски Кремс, каде му беше соиграч на Влатко Митков, како и германски Ратинген од каде и се врати дома.

Го победи и коронавирусот и се врати меѓу диреците и додека сите чекаат да каже КРАЈ, тој со Пролет се бори за излез во Европа догодина. Има визија последната негова сезона да ја мине и како играч и како тренер на голмани. Пролет, враќање во матичниот клуб Тиквеш или, пак, одново да игра надвор во странство, тоа се опциите кои ги има, но здравјето е пред сè, а и да се види што ќе биде најдобро и за него и за неговото семејство. Неговиот син, кој бил дел од Академија Алушовски може да се случи да биде негов наследник.

„Мислам и на двете страни, уште немам одлучено. Се чувствувам добро, јасно е дека годините си го прават своето, но здрав сум, во форма сум и имам некоја идеја на 45 години да ставам крај, па ако можам да одиграм уште една сезона во некој клуб, зошто да не!? Размислувам и во насока, играч – тренер, на голмани, секако. Се едуцирам, веќе сум Модул 2 за тренерска лиценца и навистина по 31 година во ракометот сметам дека имам и доволно искуство и доволно знаење за да останам и продолжам да работам во него. Не можам да кажам дефинитивно ДА или НЕ. А и не знам што ќе се случи утре, здравјето е најважно.“

„Во моментов посветен сум на плеј-офот. Македонското првенство годинава е многу сериозно, со силна конкуренција и секој – секого може да победи. Ќе биде неизвесно до крај и секој натпревар за нас е дерби. Мислам дека имаме тим за да завршиме меѓу првите четири екипи во лигата, и убаво би било со Пролет во Европа да ја завршам кариерата. Тоа е и амбиција на екипата. Но, веќе реков, секој противник е сериозен и нема простор за импровизации, а и младите треба да земат поголема одговорност. До крајот на првиот круг од плеј-офот имаме уште три натпревари, веќе в недела не чека дерби со Бутел, ќе биде тежок натпревар. Имаме ние наши математики и се надевам дека ќе успееме да ги реализираме.“

Може ли Пролет да биде средината во која ќе кажеш крај или, пак, може да се случи враќање во Кавадарци како заокружување на кариерата?

„Уште кога потпишав за Пролет имаше некоја идеја тука да ја завршам кариера и да останам како тренер на голмани. Сега тие разговори се обновени, но оставивме малку простор да видиме како се ќе се одвива. Пандемијата игра голема улога, таа е проблем за сите и ако порано клубовите уште во декември – јануари ги решаваа тие работи, околу играчкиот кадар, сега се е пролонгирано. Сите чекаат поради коронавирусот, некои работи се развлечени и никој не знае како ќе биде. Имав разговори и со градоначалникот на Кавадарци и со управата на клубот Тиквеш, бидејќи има и таква иницијатива, во мојот матичен клуб да ја завршам кариерата, а и потоа да останам во клубот. Но и во овој случај сè е разговор, нема ништо конкретно. Имам и уште две други понуди, од домашен клуб, дури и од странство, но ќе видиме како ќе биде сè! Ќе се обидам да најдам најдобро можно решение и за мене и за семејството.“

Од архивата на 24Ракомет: Петар Ангелов Диви

ВО ПЕЛИСТЕР ПОРАСНАВ, СО ВАРДАР ГО ДОСТИГНАВ ВРВОТ

Популарниот Диви прво играл фудбал („не се снајдов добро во тоа“ – вели низ смеа), а бил и голман на мал фудбал, пред другарите да го натераат да се префрли на ракомет на 13-годишна возраст. По еден турнир за млади категории во Белград му станува јасно дека спортскиот живот е за него и тоа и ќе го прави во следните три децении.

„Поради друштвото се префрлив на ракомет, за на крај од сите нив само двајца-тројца да останеме во ракометот. Од мојата генерација Марјан Колев е активен како тренер, додека само јас останав како играч, не се давам (се смее). Дебитирав во Тиквеш во Првата лига, тренер ми беше Драган Маринковиќ, додека Димитров, со прекар Гоја е тренерот од кој учев како да бидам голман. Бевме амбициозна екипа и влеговме во Суперлигата, а по само една сезона ми се случи трансферот во Пелистер во 1999 година. Има интересна приказна за тој трансфер. Тиквеш беше просечна екипа, не бевме на нивото на Вардар и Пелистер во тоа време и паметам игравме првенствен натпревар дома со Вардар, кој тогаш беше многу силен и дуелот имаше ТВ пренос. Тој меч некако се споија коцките, 25 минути не примив гол, имав 17 одбрани против Вардар и веднаш следниот ден ми се јавија од Битола. Паметам заедно со Раде Стојановиќ отидовме да играме во Пелистер. Тоа беше голем предизвик затоа што од еден мал клуб да направиш трансфер во голем клуб, со таква традиција како Пелистер, со играчи на кои претходно сум им се восхитувал на ТВ. Шест години останав во Битола. Имавме одлична екипа, која се бореше до крај. Уште во првата моја сезона таму освоивме шампионска титула, потоа во последната сезона 2004/2005 и двојната круна. Имав соиграчи како Мисовски, Кирил Лазаров, Стојановиќ, Зарков, Кире Атанасовски, потоа и Пепи Манасков… Во тие години игравме и финале на Челинџ куп со Пелистер (2001/2002), поминавме низ голгота таа сезона, Маковеј ни беше тренер… Паметам дека во финалето играв со скинат мускул, пукнат 12мм, но бранев, а сум можел да си направам сериозен проблем и да си ја упропастам целата кариера. Младост – лудост, убави спомени!!!“

„Потоа дојде трансферот во Франција – прво интернационално искуство. Кога игравме европски купови со Пелистер во Битола дојдоа скаути од Франција и преку Филип Босер, француски ракометар се случи контактот, а потоа и трансферот. Убаво искуство и играчки и животно, а таму ми се родија и трите деца, што дополнително емотивно ме врзува. Во 2009 година по одличниот настап на СП во Хрватска, тогашниот претседател на РФМ, но и на Вардар, Михајло Михајловски побара да се вратам назад во Македонија. Правеше шампионска екипа, со сериозни амбиции за Лига шампиони и прифатив и потпишав за Вардар, но останав само една сезона. Потоа преминав во Металург и таму играв три сезони и бев дел од тимот кој стигна до првото осминафинале во ЛШ. Добро беше, но кога дојде Станиќ немав доволно минутажа, а потоа и одново ми се јавија од Вардар, кога го превзема Сергеј Самсоненко и решив да се вратам. Тоа беше одличен потег затоа што со Вардар стигнав до највредната титула во кариерата – освојувањето на Лигата на шампионите.“

На тој Ф4 и на двата натпревари остана на трибините, иако Диви го паметиме во многу одлични изданија, почнувајќи од оној легендарен меч кога Вардар го елиминираше тогашниот европски првак Хамбург на гости во осминафиналето, па се до епитетот „скротувач на лавови“ во последната сезона по една голема победа над РНЛ?

„Пред Ф4 кога игравме со Флензбург во четвртфиналето заработив некоја повреда на грбот и дали поради фактот дека подолго време бев надвор од игра или од друга причина не се најдов во составот, не знам. Не зборував директно со Раул. Тогаш бевме и сите нервозни како дебитанти во Келн, а и еуфоријата беше голема, едноставно ја прифатив одлуката како таква, никогаш не ни прашав. Но имав и јас мој удел во успехот на Вардар, не само таа година, и другите сезони иако е факт дека секогаш и секаде сум бил во позадина, како втор-трет голман. За мене најважно било добиената шанса да се искористи најдобро што може и секогаш сум го давал максимумот. Среќен сум што бев дел од таа ’златна генерација’ и единствено жалам што не настапив на ИХФ Супер Глоуб, затоа што заминав од Вардар по освојувањето на шампионската титула.“

ПРОПУШТИВ ТРАНСФЕР ВО МИНДЕН

Сите мислеа дека тогаш ќе ставиш крај на кариерата, на 40 години и со европска титула в џеб, но тоа не се случи…

„Сакав уште да играм, чувствував дека можам. Од тој период најмногу жалам што пропуштив понуда од Минден. На 41. година ми се пружи шанса да играм во Бундеслигата, нешто што од секогаш сум сакал, но понудата стигна веднаш откако потпишав договор со Анталијаспор во Турција. Се обидов да го раскинам договорот со Анталија, но не успеав. Таму минав само шест месеци, а потоа без проблем добив исписница за да преминам во Кремс, Австрија. Влатко Митков беше иницијатор за трансферот. Им се повредил голманот, а тој веднаш се сети на мене и ме повика. Тоа беше голем гест и минавме убава полусезона заедно. Минав година дена во германски Ратинген со Филип Лазаров и Ацо Јоновски, но во клубот требаше и да одиш како на работа и плус да тренираш. Некако не се пронајдов во таквиот начин на функционирање после толку години професионален ракомет, ми беше некако чудно, а и имаше недоразбирање за некои работи. Не се пронајдов во проектот и решив да се вратам дома, да одиграм уште година – две пред да кажам крај.“

ВАРДАР МЕ БАРАШЕ НАЗАД

По освојувањето на европската титула во 2017 Вардар му понуди на Ангелов да остане во клубот како тренер на голмани, но не успеаја да се договорат, па се разделија. Но, малкумина знаат дека Вардар го барал Диви да се врати назад како играч, откако клубот ја прекина соработката со Страхиња Милиќ.

„По освојувањето на титулата во Келн Вардар ми понуди да останам во стручниот штаб како тренер на голмани. Бидејќи сакав уште да играм им предложив да останам во тимот и како играч и да бидам и тренер на голманите. Да бидам трет голман, и да сум спремен да помогнам доколку некој случајно се повреди или има некој проблем. Вардар не го прифати тоа, бараше строго тренер на голмани и не се договоривме. Интересно е што неколку месеци подоцна Вардар ме бараше да се вратам назад. Тоа е периодот кога имаа проблеми со Џамбо и кога потоа ја прекинаа соработката со него.“

ОД МИЛЕНИК НА „ЧКЕМБАРИ“ ЗАВРШИ ВО „КОВЧЕГ“

Еден од најморбидните транспаренти видени на нашите трибини се поврзани со името на Петар Ангелов, кој од миленик на битолските „Чкембари“ стана омразен лик.

„Интересно е што миленик во Битола станав поради пожртвуваната игра. Паметам кога на еден од првите натпревари за Пелистер во европските купови имав една пожртвувана интервенција по која го ’однесов’ голот до ѕидот во салата и заработив повреда на менискусот и паузирав пет месеци. Неколку години подоцна се претворив во најомразен лик поради изјава која беше комплетно погрешно толкувана. Кога се вратив назад во Македонија, односно во Вардар, во ’Кале’ игравме некои квалификации за Лига на шампионите и изборивме пласман и тогаш јас дадов изјава во која реков – голема благодарност на публиката која беше наш осми играч. Таквата изјава ’Чкембари’ ја толкуваа како јас да сум рекол дека ’Комити’ се подобри навивачи од нив. Тоа немаше никаква логика, ние игравме европски натпревари и немаше што да мешам домашни навивачи. Да играа Вардар и Пелистер, па да кажам такво нешто – разбирам, ама ова беше комплетно надвор од контекст и се направи некоја голема фама. Како сум можел јас, играч кој шест години минал во Битола, кој пораснал таму како играч, вака да враќам. Не можев да се докажувам со никого, а тие ги измешаа работите и поради тоа потоа кога гостувавме со Вардар се појавија на трибини со ковчег. Не беше воопшто пријатна сцена и ми делуваше многу не фер. Мојот живот е тој терен, 20 на 40, и кога играм за некој клуб давам се од себе и најдобро што можам ги бранам неговите бои. Навистина најубавите години ги минав во Битола и навистина ми беше жал што се случи такво нешто.“

ТЕМПЕРАМЕНТОТ МИ ГО ДОНЕСЕ ПРЕКАРОТ ДИВИ

Има ли приказна зошто и како го добиваш прекарот, Диви?

„Уште како млад бев многу темпераментен, избувлив, бунтовник… Не сакам да губам. И денеска кога играм со син ми плеј-стејшн не сакам да загубам (се смее). Потоа во Битола имав неколку луди одбрани, се ’фрлав’ и велеа овој е луд, брлив, див. Кога игравме натпревари во Европа секогаш имав поддршка од другарите од Кавадарци и тие знаеја да скандираат ’Диви, Диви’, другите во салата го прифатија тоа и така му остана ’Диви’“, (се смее)

ЖАЛАМ ШТО ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НЕ СЕ ПРОСТИВ ПРЕД ПУБЛИКА

Сегмент кој не смее да се изостави од кариерата на Ангелов е националниот тим. Тој е играч кој ги има минато сите филтри, од младинските категории, па до А тимот, најголемите успеси на генерацијата. Со повеќе од 200 настапи, но за жал без соодветно збогување – на прес-конференција во „Јане Сандански“ која сам си ја организираше, а не на теренот пред полни трибини.

„Од 1996 кога Гино Стрезовски беше селектор во квалификациите за ЕП во Португалија, па потоа следната година на СП во Трабзон, Турција, со Љупчо Савевски, ги минав сите филтри, бев дел од континуитетот на големи натпреварувања и најголемите успеси. Враќањето на Мундијалите во 2009 во Хрватска кога го освоивме и најдоброто досега деветто место, потоа петтото место на ЕП 2012 во Србија. И така беше се до СП 2015 во Катар. Односно и претходно Звонко Шундовски не ме стави на еден поширок список, но по именувањето на Ивица Обрван за селектор се вратив назад во тимот и последно што одиграв беа квалификациите и баражот со Австрија за пласман на ЕП 2016 во Полска. Потоа имав мала повреда и паметам дека Обрван ми се јави да ми каже дека нема да ме земе, сакал да проба и други играчи, а и да не ризикуваме поради повредата. Потоа сфатам дека тоа му е само покритие за да ме тргне од списокот, не се најдов на поширокиот список ни за следното големо натпреварување, а желба ми беше да се простам од репрезентацијата со едни квалификации за ЛОИ, но тоа не се случи. Многу се разочарав, пред се затоа што многу дадов за репрезентацијата, кога ми се родија близначките во Франција, јас бев на 2.500 километри далеку од нив, се подготвував со репрезентација и скоро цел месец не ги видов. Сум играл и повреден и кога сум можел и кога не, никогаш не сум и кажал не на репрезентацијата, а така ми вратија. Се разочарав и одлучив да ставам крај и свикав самоиницијативно прес-конференција и така се простив. Ми беше навистина криво и жал, затоа што 20 години го носев националниот дрес, многу жртвував за него, а на крај така заминав, требаше да се простам пред полни трибини и пред публика. Тие ми беа главниот мотиватор, двигател, емоција и инспирација сите тие години. На моменти се обвинувам и себе си, можеби избрзав, но во тој период немаше никаков фит-бек од Федерација. Не велам дека неа ја сметам за виновна, едноставно таков беше односот. Се почувствував не испочитуван и омаловажен. Паметам кога се простив од репрезентацијата единствено добив порака од тогашниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов, кој ми се заблагодари за мојот придонес за националниот тим и државата, имав и покана за кафе во неговата резиденција, кое поради меѓусебни обврски не успеавме да го испиеме. Не барам и не гледам виновник во никој, но како спортист, репрезентативец сум почувствувал како е кога ќе направиш успех, сите те вреднуваат, а потоа никој го нема никаде. Би требало да добиеме малку почит, една благодарница ако ништо повеќе. Ми се допаѓа и оваа иницијатива на Наумче Мојсовски за спортските пензии и стажот, што сметам дека е особено важно и значајно не само за мене туку и за ракометните легенди кои давале, но и за оние кои уште даваат за репрезентацијата и националниот дрес.“

МУ СЕ СТАВИВ НА РАСПОЛАГАЊЕ НА СЕЛЕКТОРОТ ЛАЗАРОВ

Дел од твоите и клупски и репрезентативни соиграчи сега го сочинуваат стручниот штаб на машката А-селекција. Во тој тим нема тренер на голмани, па дали би можеле тебе да те видиме на тоа место. Си имал ли контакт со нив?

„Пред месец дена имавме разговор со Кире, а потоа и со Жути (Миркуловски) и јас им ги кажав моите планови и размислувања. Верувам дека ќе останат подолго време во репрезентацијата, а со оглед на моето искуство и знаење верувам дека можам да се најдам и да помогнам во таа средина. Не сакам да се наметнувам и да притискам, туку сакав да се ставам на располагање и да им дадам до знаење дека сум расположен за соработка доколку се вклопувам во нивните планови.“

НАВИВАЧИТЕ СЕ ВЕЧНА ИНСПИРАЦИЈА

Како играч кој има 31 година кариера, од која 20 години репрезентативен стаж, освоени домашни титули, трофеи во СЕХА лигата, Купови и најсјаниот пехар – европскиот дали си направил доволно во кариерата?

„Јас сум човек кој никогаш не вели дека е доста. Имам некој пропусти, но за македонски играч мислам дека сум еден од ретките кој може да се пофали со европска клупска титула. Во целиот овој процес навивачите се вечната инспирација, тоа се работите и моментите кои се паметат. Пречекот по СП 2009, по освоеното петто место во Србија во 2012 година… Кога со Вардар ја освоивме Лигата на шампионите во авион им велев на сите – бидете подготвени, нема да знаете што ќе се случува во Скопје. Мислам дека три дена никој од нас не можеше да спие од возбуда, кога излеговме на аеродромот – лудило! Сега ми доаѓаат солзи на очите и ми се враќаат тие емоции… Тоа чувство, тие слики, неверојатно. Полните трибини во ’Кале’, во ’Јане’ или во ’Борис’… тоа е богатството кое го носиме во себе ние спортистите.“

ВИНАРИЈА КАКО БЕК-АП ПЛАН

Покрај ракометот Ангелов се обидува и на уште еден терен – винарството. Корените го влечат и тој имаше обид да пласира свое вино на пазарот, но засега идејата е во мирување поради пандемијата.

„Вистина е, се обидов да отворам винарија. Поточно направивме две серии вина со добра екипа од пет-шест луѓе (имав мој дизајнер, енолог), грозјето е мое само се доработуваше и имавме обид за да видиме како ќе помине на пазарот. Добивме добра оценка, имаше и интерес и побарувања, но само што почнавме моравме и да запреме поради пандемијата. Винарија не е едноставно, си бара голем ангажман и финансии, а и сакам да го проширам производството, но засега е во мирување и чека подобри времиња.“