ИНТЕРВЈУ МАРЈАН НАЧЕВСКИ: Ракометот е посилeн од мене – без него не можам да живеам

Многу од она што денеска е македонскиот ракомет и Македонската ракометна федерација, сакал некој тоа да го признае или не, е заслуга на Марјан Начевски. Популарниот Маки, годинава ја прославува јубилејната 50-ка во ракометните води. На 62. години вели дека е уште млад и дека она без што не може во животот е ракометот.

Од играч на Бутел и охридска Електромонтажа, Начевски се одлучува да стане ракометен судија, но не било каков, туку најдобриот во Европа, во што и успева, заедно со партнерот Драган Начевски. Во неговата судиска биографија запишани се делење на правда на Олимпијади, Светски и Европски првенства, стотици домашни и меѓународни натпревари, а големиот финиш е финалето на првиот Ф4 турнир во Келн во Лигата на шампионите.

Покрај судискиот ангажман, Начевски кус период бил спортски директор на женската репрезентација на СФРЈ, а по осамостојувањето на Македонија, тој е првиот генерален секретар во Македонскиот ракометен сојуз (подоцна Федерација). Заедно со Иван Бојков ќе лобира за наше признавање во ЕХФ и ИХФ. Генерален секретар во неколку мандати, одреден период и единствен стопанственик кој вложува во ракометот. Многумина го сметаат за човек кому ништо не му било тешко да направи за ракометната кауза.

Од 2013 година не е повеќе во РФМ, но продолжува да работи за доброто на ракометот како делегат и како единствен македонски делегат за ракомет на плажа. Како врв на сето тоа во последната деценија е и комесар за натпреварување во СЕХА-лигата.

„Годинава правам јубилејни 50 години во ракомет. Десет години како играч и 40 години како судија, делегат и единствен македонски делегат со лиценца за ракомет на плажа. Знаете како, за мене во животот се жена ми, синот и ќерката, и ракометот. Секогаш сум бил скромен и задоволен со малку, а ракометот ми дал толку многу. Ракометот – тоа е посилно од мене, мислам дека ако си одам од ракомет ќе умрам веднаш. Не мора да се ангажирам многу, но морам да бидам тука околу ракометот, барем јас така се чувствувам“ – веднаш дава до знаење Начевски.

Колку брзо минал тој половина век…

„Почнав како играч во ракометен клуб Бутел, во јуниорската екипа, па потоа во прв тим и во ’76 година преминав во Електромонтажа во Охрид, каде студирав туризам. Кога завршив студии отидов во војска и кога се вратив се решив да  бидам ракометен судија. Година дена подоцна полагав пред комисија со луѓе кои ме знаеја како играч и ме прашаа зошто прекинувам со ракомет и се одлучувам да станам судија. Им реков јас сакав да бидам најдобар играч, но не можам и затоа сакам да пробам да станам најдобар судија. Тие ми се смееја на ваквиот одговор, но јас им реков смејте се ама јас еден ден ќе станам најдобар судија во Македонија, во Југославија, па и во Европа, бидејќи си ги знам моите квалитети и тоа колку можам и колку сум амбициозен. И така станав ракометен судија“, се потсетува Маки на неговите почетоци и продолжува: Прв партнер ми беше Перо Шандовски, потоа Владо Ивановски, па Благоја Ѓоргиевски, со кој како пар влеговме во Втора југословенска лига. Потоа судев со Аце Ванев и со Петре Клинкаров, со кој пак судев во Прва југословенска лига. Но, тој беше повозрасен и не можевме заедно да одиме во меѓународна категорија. Драган Начевски прво судеше фудбал, а потоа стана ракометен судија, а мој партнер стана по осамостојувањето на Македонија. Заедно полагавме, и во ’93 година станавме меѓународни судии. Судевме европски купови и бевме добри, и пред се чесни судии, и брзо за нас се рашири добар глас низ Европа, а тоа не им се допаѓаше на многумина. Особено на почетокот имавме многу сопки од делегати од Словенија, Хрватска, Србија… им беше криво зошто ние Македонци така брзо да се пробиеме. За една година влеговме во топ-30 судиски двојки во Европа и бевме кандидати за ЛОИ во Атланта.“

Но, таа Олимпијада Начевски и Начевски ќе ја пропуштат.

„Во тоа време се одржуваа предолимписки турнири на кои се правеше и контрола на судиите. Паметам на Кипар игравме со домаќинот, Македонија предводена од Гино Стрезовски како селектор на јуниорската репрезентација, и Русија и Франција. На последнот натпревар судиите Шпанци Амио/Костас, судеа сериозно лошо, многу не оштетија, кражба, и револтирани од тоа на банкетот по завршувањето на турнирот Слободан Даневски, кој беше дел од нашата делегација ги собра сите салфетки од масата и направи топка со која фрли кон судиите. Сите видоа дека тоа беше фрлено од нашата маса, но не знаеја од кој и мислеа дека сум јас фрлил. Нè пријавија кај делегатот Германец и добивме казна поради која не судевме на ЛОИ во Атланта. Но четири години подоцна судевме во Сиднеј и бевме убедливо најдобар пар. Кога судиш на големи натпреварувања, ако си делегиран во полуфинале, тука и завршуваш со судење, а ние судевме и во полуфинале, а потоа и во мечот за третото место. Порано судиите судеа за бодови, им се даваше од 1 до 100 бода и на крајот на секоја година се правеше листа и ние три години во низа по оценки бевме најдобри во Европа. Немавме помош од никого, напротив имавме сопки од сите, најмногу од Словенците. Повторно во 2004 година судевме на Олимписките игри во Атина, а година дена подоцна Драган стави крај на кариерата. Јас продолжив да судам до 2007 година со Ацо Николовски како партнер. Судевме три финалиња на Европски куп во низа, а крајот беше во Келн, на првиот фајнал-фор во ’Ланксес арената’. Го судевме финалето Кил – Суидад Реал во Лигата на шампионите. Кога завршив со судиската кариера продолжив како делегат и како единствен делегат за ракомет на плажа.“

ПРИЛЕП – ЦРНА ДАМКА ВО СУДИСКАТА КАРИЕРА

Маки со голема гордост и задоволство зборува за својата судиска кариера, но има и случка на која се навраќа со горчина.

„Со Наче бевме навистина успешни како судиска двојка, што им пречеше на некои луѓе и правеа сè за да нè тргнат. Во тој период бевме номинирани за настап на Олимпијадата во Сиднеј. Тоа е време кога Кадиевски беше претседател на РФМ, а Марјан Огњановски генерален секретар и со нив имав некои партиски (политички) несогласувања. Ние се подготвуваме да судиме натпревар од домашно првенство во Прилеп, Тутунски комбинат и Вардар, и мене претпладнето ми се јави пријател од Прилеп за да ме предупреди да не доаѓаме да судиме, затоа што ќе не тепаат. Не ми беше верно затоа што никогаш во животот не сум имал таков проблем. Отидовме на натпревар и се исценира тоа што се исценира – свирнав ’пенал со рогови’ за Вардар и Шоковски ме фати за глава. Настана гужва, двајцата полицајци кои требаше да не заштитат и спроведат биле дел од договорот. Нè разделија со Наче и јас влегов во соблекувална и попатно добив само една клоца. За разлика од мене, Наче помина многу полошо. Заврши во прилепската болница, потоа со амбулантно возило беше префрлен во Скопје и од толку што го тепаа едвај се спаси, едвај остана жив.“, раскажува Начевски и вели: „Сега со Мане сме големи пријатели и мислам дека се кае за тоа што се случи.“

НАЈДОБРИОТ СУДИЈА Е ОНОЈ КОЈ НИКОЈ НЕ ГО ПАМЕТИ

Марјан Начевски и Драган Начевски добија наследници во Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, но дали и во новите генерации има судиски пар кој може да ја продолжи успешната низа Маки вели дека гледа наследници.

„За жал имаме многу малку нови генерации на судии. Ретко кој сака да суди. Судиската такса е мала и не е привлечна за нив, а од друга страна и во младински категории добиваат многу навредливи зборови на нивна сметка. Сепак од она што го имаме во моментов мислам дека имаме наследници. Славе и Наче се веќе етаблирани со својот квалитет, а мојот син Виктор Начевски и неговиот партнер Даниело Божиновски се на добар пат да ги наследат нив. Од она што го гледам во Европа, но и што ми кажуваат не само колегите, туку и играчите го заклучувам тоа. Знаете играчите се најдобри критичари… Мојот совет до сите нови генерации на судии е дека ракометот се игра за играчите, а не за вас. Им велам: ’Немојте никогаш да се ставате во центарот на вниманието, затоа што најдобар судија кој е? Оној кога ќе те прашаат утре, кој судеше вчера на натпреварот, ако одговорот е не знам, тогаш е најдобро.’ Оној судија кој е најнеприметлив, тој е најдобар.”

Приватна архива на Марјан Начевски

За ракометот се вели дека е спорт во кој судиите имаат најголемо влијание.

„Судиите имаат влијание, но има едно непишано правило, секогаш кога сум ’свирнал’ седмерец, а  сум се двоумел во одлуката дали е или не е седмерец, тој седмерец не бил гол. Тоа е од лично искуство. Еден во десет такви одлуки може ќе бидат гол, ама другите девет не.“

Судии со реноме како вашето сигурно имале голем број на непристојни понуди.

„Нема судија кој е имун на пари, ако некој го каже тоа, излажал. Сум имал многу непристојни понуди, но во една ситуација им реков дајте ми пет милиони марки и ќе ја ’згазам’ свирката и никогаш повеќе нема да судам. Кога ја слушнаа сумата се фатија за глава и ме прашуваа дали сум луд. Не го продавам амблемот и државата која ја преставувам за некоја смешна сума.“

НИШТО НЕ МИ БИЛО НИТУ СРАМ, НИТУ ТЕШКО ДА РАБОТАМ, ОД ЕКОНОМ ДО ГЕН. СЕК.

Паралелно со судискиот ангажман, Начевски работи и во Ракометната федерација на Македонија. Од ‘88 до ’96 е генерален секретар на РФМ, а потоа од 2003 до 2013 година одново ја извршува оваа функција. За него се вели дека е човек – работник, на кој ништо не му е тешко да направи за каузата македонски ракомет.

„Не ми било срам да работам што и да треба за да направиме подобри услови за натпревар, за играчите, за репрезентацијата. Не сум имал проблем да бидам и економ, да трчам да печатам дресови, да лепам плакати во сала, дури сум масирал и играчи. Прашајте го Наумче Мојсовски може да ви ја потврди случката што ќе ја раскажам. Пред еден квалификациски меч со БиХ во Сараево, клучен за нас за пласман на ЕП, доаѓам во хотелот на репрезентацијата на неколку часа пред натпревар. Го гледам Мојсо седи сам во агол од фоаљето, пие чај и ми вели ’Вујче, јас нема да играм.’ Му велам како нема да играш, клучен натпревар, ни требаш. Го повикав докторот, тој ми објаснува како Мојсо има температура, го болат коските, исцрпен… Секогаш со мене во автомобил носам еден лек, го зедов и со него скоро еден час го масирав Мојсо. Тој се препоти целиот и му велам сега одмори, а после на натпревар не само што ќе играш, туку ќе бидеш и најдобар играч и ќе постигнеш најмногу голови. Се одмори Мојсо, се тушира и доаѓа на натпревар и ми вели, мислам дека ќе можам да играм. На тој натпевар Мојсо имаше 9 од 10 гола и потоа ја победивме БиХ и во Скопје и се пласиравме“, се потсетува Маки.

Вујче Ве именуваат репрезентативците?

„Да, сите играчи ме викаат вујче, затоа што за сè што им требаше да им донесам, да им купам, да направам јас бев тука и нели не можат татко да ме викаат, па ме завикаа вујче.“

А, како Марјан Начевски влегува во Ракометната федерација, односно на времето сојуз?

„Во времето на СФРЈ бев именуван за директор на женска репрезентација на Југославија. Тогаш работев за Срем, а имав и приватна фирма Срем Скопје и како добар стопанственик ми предложија да бидам директор на репрезентацијата. Прифатив, обезбедував услови, подготовки, сè што беше потребно за една репрезентација нормално да функционира. Тоа траеше релативно кусо време до ’92, до Олимпијадата во Барселона. Потоа продолжив да работам како прв генерален секретар на Ракометен сојуз на Македонија, тоа го работев како волонтер. Преку репрезентација на Југославија влегов во тие води и заедно со Иван Бојков, кој беше претседател многу брзо дојдовме до контакти и направивме апликација Македонија да стане членка на ЕХФ и ИХФ. РФМ е првата Федерација примена и единствена која беше призната под името Македонија. Во тој почетен период јас бев единствен спонзор на РФМ и на сите репрезентации. Во ’92 и ’93 бев избран за најдобар менаџер во Македонија, а Срем Скопје беше најголем спонзор и донатор воопшто на целиот спорт во Македонија. По два мандати бев и претседател на Сојуз на спортови на град Скопје, а потоа станав и претседател на Сојуз на спортски федерации на Македонија. Мене ме бираа затоа што го помагав спортот. Паметам дека до ’94 година немаше ниту еден спонзор во РФМ. Од државата добивавме само 4.000 денари. Од ’94 година станав пратеник и првпат интервенирав во буџетот за следната година да бидат издвоени 10 милиони денари за меѓународен спорт. Потребно беше репрезентациите да се опремат, да патуваат, да играат натпревари… За тие четири години додека бев пратеник, успеав да издејствувам 10 милиони денари секоја година и една година плус три милиони за спортот.“

РАКОМЕТОТ БЕШЕ СЕДМИ СПОРТ, А ПОРАСНА ВО БРОЈ ЕДЕН

Начевски може да се пофали дека ја предводел машката А репрезентација на нејзиниот прв официјален настап – „Трофеј Карпати“ во Романија, како и женската јуниорска селекција на првото големо натпреварување СП во Бразил.

„Да, да, за ’Трофеј Карпати’ обезбедив автобус и се чекавме пред ’Маракана’ и пред да заминеме им велам, а дресови – дресови немавме. Прво отидовме во ’Словенија спорт’ за да земеме комплет дресови, тренерки, опрема со која ќе личиме на репрезентација, а потоа тргнавме за Романија. Стевче Алушовски може да го потврди тоа. Ова ретко кој го знае, никогаш не сум сакал да го истакнувам тоа, секогаш сум давал предност на други спонзори“, се потсети Маки и продолжи: „Ние работевме паралелно со двете репрезентации и со мажи и со жени и се трудевме да создадеме кадар и во двете. Немавме многу квалитет, бевме релативно млади, па затоа преку Ѓорче Петров, потоа Кометал, секој играч што можевме го натурализираме, го натурализиравме во интерес на промоција на државата и мислам дека тоа успешно го правевме. Не е точно дека натурализацијата ни направи проблем, напротив! Кога јас бев генерален секретар на РФМ на почетокот, ракометот беше седми спорт во државата, пред него беа фудбал, кошарка, одбојка, бокс, борење и карате, и сите тие беа далеку пред ракометот. Ретко кои млади деца сакаа да станат ракометари, за разлика од денеска. Потоа во 2003 година направивме мини ракомет во ’Автокоманда’. Имавме договор Металург да не плаќа котизација за првата машка и женска екипа туку да се компензираме со термини во салата. Направивме мини-терени по сите прописи и формиравме мини ракометна лига. Од таму тргнува подемот за млади категории. Металург потоа направи Академија и формираше мини-лига со екипи со сите нивни спонзори, тоа поттикна интерес кај младите. А, тоа и беше нашата цел, да ги донесеме децата во ракомет, да ги ангажираме и заинтересираме за ракометот и мислам дека успеавме во тоа. Натурализацијата не беше пречка, знаете зошто!? Дали ќе имаше толку интерес за ракомет ако ние не се пласиравме на ЕП и ако ги немавме сите тие успеси тогаш пред се во женскиот ракомет?“

НЕ СМЕЕ ДА СЕ ИГНОРИРА РАКОМЕТОТ НА ПЛАЖА

Покрај останатите национални тимови Македонија има и репрезентации во ракомет на плажа, кои некогаш беа сериозно активно, за разлика од сега. Марјан Начевски смета дека таа не смее да биде ставена во втор план.

„Тоа ми е најмногу жал. РФМ нема слух за ракомет на плажа. Во неколку наврати и на Собрание имам кажано дека штета е што Македонија нема репрезентација во ракомет на плажа. Тој сега станува олимписки спорт и мислам дека ние најлесно може да се пласираме со ракомет на плажа, имаме и услови и темпераменти сме за таков спорт со цепелини и со пируети. Со женска репрезентација во ракомет на плажа учествувавме и бевме четврти на Светски игри во Тајван, игравме во полуфинале. Мислам дека би можеле да бидеме успешни и дека не смее да се исклучи ракометот на плажа.“

ЕВРОПА СЕ ПЛАШИ ОД УСПЕХОТ НА СЕХА

По завршувањето на судиската приказна, а потоа и ангажманот во РФМ доаѓа работата во СЕХА лигата, каде Маки е комесар за натпреварување, веќе една деценија.

„Од претходно кога бев генерален секретар заедно со Драган на сите Конгреси на ЕХФ баравме формирање на Регионална лига. ЕХФ забрануваше да се направи тоа бидејќи знаеја дека ние знаеме ракомет и дека тоа ќе биде организирано на високо ниво и ќе им направиме проблем. Но, од тие наши идеи почна да се игра Скандинавска лига, (на Данците, Норвежаните и Финците не можеа да им забранат), потоа Балтичка лига и кога се формираа другите регионални лиги не можеа и нас да не спречат. Десет години пред официјалниот старт на СЕХА лигата ние имавме состаноци, ќе се договориме, па ќе почнеме, па нема да почнеме, па ќе стигне забрана од ЕХФ за судии и делегати да учествуваат. Имавме многу пречки, но на крај го убедивме ЕХФ дека формирањето на регионалните лиги е добро за ракометот, таа реклама привлекува интерес овој спорт. Се соочивме и со проблем. Виде Европската федерација дека со Гаспром како фирма која комплетно застана зад нас и ги покри сите трошоци на учесниците, дека потребна е само желба за да играат. За разлика од европските купови каде екипите сами си плаќаат се и плус плаќаат и котизација за учество. Не случајно во еден момент бевме лига во која осум од десет учесници настапуваа и во Лигата на шампионите. Ние го натеравме ЕХФ да почне да мисли малку повеќе и за тимовите. И не само тоа. Дури три судиски пара од регионов, Николов/Начевски, Србите Николиќ/Стојковиќ и хрватскиот пар Губица/Милошевиќ се меѓу топ-судии во Европа. Јас во СЕХА лига како комесар немам пардон кон никој, оној судија кој помогнал на екипа тој повеќе не судел, имам таква поддршка од целиот Управен одбор затоа што сме се договориле дека СЕХА ќе биде чесна лига и тој што ќе дели правда рамноправно ќе суди, во спротивно ќе седи дома. Затоа ние девет сезони наназад немаме никаков проблем и никаков приговор на ниту еден натпревар. Јас ги гледам и ги анализирам сите натпревари и сите имаат контрола и добиваат извештај за сработеното.“

СЕХА поради пандемијата сезоната ја започна дури во декември. Како ќе функционирате во услови на пандемија, ќе успеете ли да го задржите високото ниво?

„Пандемијата е нешто најлошо што можеше да ни се случи во спортот, особено нас во СЕХА лигата. Екипите се од различни земји, секоја со свој протокол и се некој регион ќе го погодеше токму во моментот кога ќе се одлучевме за старт. Прво Татран беше во комплетна изолација, потоа Загреб, па Вардар, па Еурофарм Пелистер делумно, потоа Веспрем делумно… Немаше екипа која не се соочи со пандемијата и секогаш кога ќе сакавме да почнеме некоја екипа одеше во карантин. Одлучивме да бидеме трпеливи и да почекаме. А и се надевавме дека ова ќе заврши и затоа решивме да почнеме малку подоцна. Сакавме и натпреварите да се играат со публика, затоа што ракометот постои поради публиката, а не обратно. Ќе видиме што ќе ни донесе новата сезона, таа е целата пред нас, затоа што СЕХА само што започна.“