Им го одземаа името, ама не и мотивот: Дуелот на титаните заврши без победник

Во првото коло од група Б на женскиот дел од Олимпискиот турнир во Токио, Русија ремизираше со Бразил на 24-24 иако по првиот дел имаше предност од два гола (14-12). Русија во двобојот на два фаворити за олимписко одличје не го издржа притисокот и дозволи во последниот период од натпреварот Бразил да им одземе бод на патот кон подиумот.

Во воведните минути Бразил ја имаше предноста и контролата над резултатот. Сепак по 6 минути игра, Русија со одлична одбрана преку Ведекина го презеде водството и до крајот на првиот дел не дозволи Бразил да го загрози. Секоја грешка значеше многу на семафорот. Бразил во 20. минута повторно го изедначи резултатот, но следуваше одговор на спротивната страна со серија од 3-0 која им овозможи на Русинките предност на полувремето од 14-12.

Второто полувреме продолжи во ист стил. Почетните напади завршуваа прецизно во голот на противникот и затоа разликата не се промени по 10 минути игра. Но следуваше пад на играта кај Русинките. Прво Горшкова згреши во напад, Ведекина ја погоди пречката, Макеева промаши, а Вјахирева не реализираше удар од линијата за седум метри. Дел од тие шанси искористија Бразилките за да се вратат во натпреварот и да го изедначат на 18-18 на средина на вториот дел. Илина за момент ја презема командата во играта и ја врати предноста за Русинките, но продолжија грешките, а тоа Бразилките знаеја како да го искористат. Во 49. минута преку До Насименто за прв пат во вториот дел, „кариоките“ ја преземаа резултатската предност. Дмитриева беше трагичар за својата селекција, обидувајќи се да го поправи впечатокот само им овозможи на јужноамериканките да го зголемат водството на два гола 20-22 во 50. минута.
Но, возбудувањата на овој дуел допрва започнаа. По тајм-аутот за Русија, Илина повторно ја врати Русија на прав колосек. Во 53 минута го израмнија резултатот, а токму Дмитриева ја врати Русија во водство по грешката на Бразилките и исклучувањето на До Насименто. Русинките имаа шанса да стават крај на овој дуел но Бобровникова ја погоди рамката на голот, а на спротивната страна Родригез беше побрза од руската одбрана, заработи седмерец кој успешно го реализираше.

Играта гол за гол продолжи до самиот крај. Вјахирева и Де Паула промашија и на неполна минута до крајот остана неизвесноста изедначена на 24-24. Следуваше тајм-аут за рускиот стручен штаб, кој не даде резултат. Вјахирева ја загуби топката во напад, а Де Паула не успеа да стане херој за својата репрезентација. Натпреварот заврши со поделба на бодовите и конечен резултат 24-24.

Најпрецизна на овој дуел беше Бруна де Поула со 7 голови, ја следеа До Насименто и Илина со 6 голови, а Ведекина постигна 4. Во составот на Бразил настапи и Едуарда Аморим Талеска која не се запиша во листата на стрелците.

Веќе е познато дека поради одлука на Светската антидопинг агенција, Олимпискиот комитет ја суспендираше Русија од натпреварувања кои се во нејзина организација, а одредени федерации добија поштеда и настапуваат во Токио под акронимот РОК(ROC) или Руски Олимписки Комитет.