Имаше понуди од Франција, Шпанија и Израел, но ќе остане во Куманово

Еден од најдобрите стрелци во регуларниот дел од сезоната во Суперлигата, Вучко Мрвовиќ реши да остане во редовите на Куманово.

Мрвовиќ за пролетниот дел од сезоната имаше понуди од клубови од Франција, Шпанија и Израел, како и од неколку суперлигашки екипи од Македонија, но младиот ракометар, кој е најдобар стрелец во екипата на Куманово, одлучи да му помогне на тимот во натпреварите од плеј-аут фазата, односно во битката за опстанок во македонската елита.

Српскиот интернационалец во редовите на Куманово пристигна на почетокот на оваа сезона. Во својата кариера настапуваше за грчкиот суперлигаш Филипос Верија и за српските екипи Рудар Костолац, Раднички Крагујевац, Спартак Војпут и Суботица.

На репрезентативно ниво играше за кадетската и младинска репрезентација на Србија. Левиот бек на Куманово со 16 гола го предводеше својот тим до пласман во осминафиналето од Купот на Македонија.

Куманово во борбата за опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија ќе игра против екипите на Струга, Прилеп, Голден Арт, Скопје Вардар Неготино, Јуниор КВ и Радовиш.

Како што е веќе познато, тимот на Куманово за натпреварите од плеј-аут фазата ќе има нов тренер, откако довчерашниот предводник Љубиша Димковски поднесе оставка, а од клубот си замина искусниот Виктор Петковски.