Ивано Балиќ: Не смееме да грешиме, мора паметно да составиме тим

Управниот одбор на Ракометниот сојуз на Хрватска на својата редовна седница донесе неколку клучни одлуки за хрватскиот ракомет. Една од нив беше назначување на помошник на селекторот Хрвоје Хорват, а тоа не е никој друг туку легендата на хрватскиот ракомет, Ивано Балиќ.

Балиќ со своето ракометно искуство ќе се обиде да има позитивно влијание на сегашните репрезентативци на Хрватска. И самиот е свесен за големиот предизвик, но смета дека треба да се престане да се бара кривицата во проценките на вредностите на некои ракометари. Како клучна работа за успех ја наведува самата позитивна атмосфера која треба да се создаде и одговорноста како најбитна работа.

„Треба да ги препознаеме играчите, оние кои што можат и оние кои ќе станат уште подобри со нив, а место во екипата секогаш заслужуваат оние кои се најподготвени и најдобри. Мислам дека не смееме да грешиме и постојано да менуваме или талкаме во проценките, како што беше во некои ситуации до сега. На пример, еднаш играчот е добар, другиот пат не е, но и искуството не е некоја гаранција. Затоа, мораме паметно да составиме тим и атмосфера и да има поголема одговорност за се. Тој микс е клучен, и мислам дека тоа ни недостасуваше во последните неколку натпреварувања”, изјави Балиќ.

Машката ракометна репрезентација на Хрватска на последното Светско првенство во Египет одигра на лошо ниво и заврши на 15. позиција. Се очекува дека тандемот Хорват – Балиќ ќе можат да направат позитивни промени во националниот тим на Хрватите.