ЕХФ шампионат младинци: Познати се полуфиналните двојки

Со комплетирањето на денешното 3. коло во групата А, односно 4. коло во групата Б, познати се полуфиналните двојки на првиот ЕХФ шампионат за ракометари до 20 години, кој се одржува во нашиот источен сосед.

На репрезентациите на Холандија и Австрија, кои веќе обезбедија пласман меѓу четирите најдобри репрезентации, им се придружија и Чешка и Финска, како претставници од групата А.

Во последното коло од споменатата група, Чешка ја декласираше Летонија со 23 гола разлика, 43:20 (20:10), додека репрезентацијата на Финска немаше проблеми против домаќинот обезбедувајќи рутинска победа од 30:24 (12:9).

Полуфиналните натпревари, како и натпреварите за 5 и 7 место ќе се одиграат в сабота. Во првото полуфинале ќе играат Холандија и Чешка, а во второто, Финска и Австрија.

За потсетување, младинската селекција на Македонија ќе биде дел од истото вакво натпреварување кое ќе стартува на 16 јули и ќе се игра до 24 јули.

Шампионите од ова натпреварување ќе обезбедат место на Светското првенство за младинци во Хрватска следната година.