ЕХФ во дилема: Дали Македонците се повеќе горди на Кире Лазаров или на ајварот?

Медиа тимот на Европската ракометна федерација пред стартот на континенталниот собир во Унгарија и Словачка ги потсети ракометните фанови на осуммина „неопеани херои“.

Меѓу Алекс Душебаев, Андреј Лавров, Касер Хвит, Филип Јиха…се наоѓа и нашиот капитен и селектор, Кире Лазаров, кој можеби ќе го има последното големо натпреварување како активен играч.

„Тешко е да се каже дали Македонците се повеќе горди на Кире Лазаров или на нивниот Ајвар, но Лазаров сигурно е на врвот, поради многу добра причина. Тој е еден од најголемите неопени херои на ЕП кога се работи за титулите, но никако не смеат да се занемарат неговите индивидуални перформанси. Додека Сагосен со 65 гола во 2020 не го сруши рекордот, Лазаров беше прв стрелец на вечната листа стрелци на ЕП со 61 гол на ЕП 2012 година. Треба да се знае дека Сагосен одигра девет, а Лазаров само седум меча. Иако бил најдобар стрелец на ЕП, СП и во ЛШ – сепак никогаш не бил во идеалниот тим кога се работи за настапите на репрезентацијата на големите натпреварувања. Шансите сепак не се загубени, како икона на македонскиот ракомет тој сега е селектор, а кој знае што може да освои со неговата нова улога?“, се прашува ЕХФ.

Седмиот настап на ЕП, а шести по ред, Македонија ќе го започне на 13 јануари против Словенија, а потоа ќе следуваат натпревари со Данска и Црна Гора.