Еурофарм Работник испушти плус четири, па одново загуби со гол разлика

Екипата на Еурофарм Работник го загуби дуелот против Татран Прешов на домашен терен со 23:24 и ова е четврти пораз сезонава во Лигата на шампионите со само гол разлика. Во меч во кој на моменти имаше плус четири и се чинеше дека ја има победата на крајот битолчани мораше да бараат начин како да се спасуваат од пораз, но не успеаја.

Домашните ги добија првите неколку минути од отворањето на средбата и успеаја да се изборат за предност, но најголемото водство коешто го имаа беа два гола. Гостите од Словачка успеваа да се враат и да израмнат, аголманите беа тие кои покажаа најмногу со оглед на тоа што и Митревски и Цвитковиќ успеаја да соберат солиден број на интервенции.

Гостите имаа предност во две ситуации. Поведоа на почеток со 1:0, а потоа и во финишот од првото полувреме со 13:12, но потоа со два гола на Еурофарм Работник беше завршено првото полувреме на најдобар можен начин и беше обезбедена предност на одмор од 14:13.

Почетокот на вториот дел не донесе нешто нов во поглед на играта. До 45. минута главно беше гол за гол. Во 41. минута беше нерешено 17:17, а потоа неколку минути немаше гол, па следуваа четири за три минути и предност од 21:17 за ракометарите на Еурофарм Работник.

Ова се случи во 47. минута, а потоа следуваше „црниот период“ во играта на битолчани кој речиси редовно доаѓа на натпреварите, па гостите постигнаа дури пет гола за шест минути и на седум минути до крајот на натпреварот резултатот беше 21:22.

Во финишот гостите влегоа со гол предност, а имаа шанса и за плус два, но Чаневски го одбрани пеналот кој беше изведен од страна на Рабек. Голот број 22 за Еурофарм Работник дојде дури десет минути после реализацијата на 21. погодок. Ова беше тежок период во кој се бараше шанса за да се направи нешто повеќе, но добро е што голот на Остроушко беше за израмнување на 22:22.

Следуваше уште по еден гол на двете страни, а потоа Лапајне направи престап. Меѓутоа ниту битолчани не го искористија нападот, па Лапајне пресуди и донесе победа за Татран Прешов од еден гол разлика, 24:23. Ова е само уште еден нов пораз за Еурофарм Работник и одново со гол негатива.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ТАТРАН ПРЕШОВ      23:24 (14:13)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 1500. Судии: Бартош Лесцински и Марцин Пичота од Полска. Делегат: Јован Попадиќ од Србија.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Митревски (10 одб., 2 сед.), Чаневски (1 сед.), Ојлески, Маџовски 2/2, Чурлевски, Стјепановичќ 2/4, Радовиќ 2/5, Шевелев 1/1, Јотиќ 2/4, Вегар, Кукоски, Остроушко 8/12, Граџан 5/6, Ѓукиќ, Кузманоски, Петровски 1/2.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 8 мин.

ТАТРАН ПРЕШОВ: Цвитковиќ (10 одб., 1 сед.), Чуприна (1 одб., 1 сед.), Рабек 7/10, Ѓериќ, Лапајне 3/5, Крок 1/2, Муњоз 5/6, Урбан 1/3, Хозман, Вучко, Страновски 2/3, Михалка 2/3, Грзентиќ, Чарапкин, Афану Гатине 3/5.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 8 мин.