Еурофарм Пелистер рутински со Бутел, ќе игра финале против Вардар

Ракометарите на Еурофарм Пелистер очекувано триумфираа во второто полуфинале од Купот на Македонија против Бутел Скопје со 23-38 и во големото финале против Вардар ќе се обидат да стигнат до трофејот.

Тимот од Битола целосно ја оправда улогата на фаворит и без проблеми стигна до победата. Еурофарм Пелистер отвори со 1:3, но Бутел брзо се врати и израмни на 3:3 со два брзи гола. Следуваше период на израмнета игра сè до резултат 7:7 во 15. минута кога започна серијата на Еурофарм Пелистер.

Ракометарите на Жељко Бабиќ направија серија од 5:0 и за првпат имаа водство кое им овозможуваше мирно продолжение на дуелот. До полувремето продолжија проблемите на Бутел во нападите и за 15 минути постигнаа само два гола. На полувреме веќе беше решен победникот кога Еурофарм Пелистер водеше 16:9.

И во второто полувреме продолжи домнацијата на Еурофарм Пелистер. Томислав Кушан прерано го заврши натпреварот заради трето исклучување уште во 34. минута но тоа не влијаеше на играта и резултатот.

Фаворитот лесно ја чуваше предноста и постојано ја зголемуваше. Во 48. минута веќе Еурофарм Пелистер имаше двоцифрена предност кога поведе со 28:18, а до крајот рутински стигна до убедлива победа која ги носи на дуел со Вардар за трофејот во Купот на Македонија.

БУТЕЛ СКОПЈЕ – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 23:38(9:16)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегати: Љупчо Јаневски и Ацо Николовски од Скопје.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Симјановски, Младеновски 4, Ѓеоргиевски 2, Божиновски 3, Митев, Спасовски, Милошески, Мојсоски 2, Б.Спасовски 3, Стојчевиќ, Печенковски 1, Даскаловски, Трифковиќ 4, Јефтиќ 1, Василевси, Мајиќ 3.

Седмерци: 2/2. Исклучувања: 6 мин.

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Мараш 3, Ојлески 1, Маркоски, Маџовски 7, Кукуловски 1, Мандалиниќ 6, Кушан 2, Радовиќ, Танкоски 3, Трајкоски, Периќ 6, Костески 1, Кукоски, Велковски 3, Граџан 5, Хендави 1.

Седмерци: 6/7. Исклучувања: 12 мин.