ЕП кадети: Познати се сите патници во главната рунда

На Европското првенство за кадети, на кое Црна Гора е домаќин, се комплетира третото коло од групната фаза. По одиграните денешни натпревари, познато е кои репрезентации обезбедија пласман во главната рунда.

Во рамки од групата А, актуелниот бранител на титулата, Германија, славеше над Исланд со четири гола разлика, 35:31 (18:18), со што си обезбеди влез во главната рунда на кадетскиот континентален собир.

Од споменатата група, првото место го освои репрезентацијата на Унгарија, која во 3. коло ја совлада Полска со два гола разлика, 34:32 (19:14).

Португалија и Хрватска од групата Б обезбедија место меѓу 8-те најдобри репрезентации. Токму овие две репрезентации го одиграа последниот натпревар од групната фаза и во дуелот за првото место подобра беше селекцијата на Португалија со 25:24 (15:16). Домаќинот, Црна Гора ја запиша првата победа, триумфираше против Италија со 31:22 (16:10).

Двете скандинавски селекции, Данска и Норвешка, исто така ќе се борат за место во полуфиналето, откако славеа во дуелите против Словенија, односно Србија, во групата Ц. Данска оствари рутинска победа против Словенија, 36:29 (17:10), додека Норвешка на многу лесен начин ја победи Србија со 35:28 (16:11).

Пласман од групата Д во главната рунда обезбедија репрезентациите на Шпанија и Шведска. Овие две репрезентации се сретнаа во последното коло, во кое „црвената фурија“ беше убедлива, со резултат 40:33 (19:18). Фарски Острови ја изненади Франција, 29:26 (10:12) и ја освои 3. позиција во групата Д. Сепак, двете репрезентации ќе разигруваат за пласман од 9 до 16 место.