Екс член на Металург прогласен за најдобар ракометар во Франција за месец март

Поранешниот ракометар на Металург, Вања Илиќ продолжува со добрите партии во францускиот шампионат. Репрезентативецот на Србија од натпревар во натпревар влегува во добра форма, а неговите голови го носат Шарт кон повисоко место на табелата.

Блескавите моменти низ Франција беа причина да биде избран за ракометар на месец март. Србинот освои 37,2% гласови од ракометните фанови. Илиќ моментално се наоѓа на третото место на листата на стрелци во францускиот шампионат со 115 голови. Неговиот брат, Немања, е на второто место со 118 голови, додека на лидерската позиција е Драган Гајиќ со 158 гола.

Најдобра партија, Вања Илиќ прикажа на натпреварот против Тулуз каде постигна 11 гола од исто толку удари. Неговиот тим, Шарт се наоѓа на 10. позиција на табелата.

Добрата форма на Илиќ треба да биде и позитивна вест за селекторот на Србија, Тони Херона кој со своите избраници обезбеди настап на Европското првенство во Унгарија и Словачка кое ќе се одржи следната година.