„Експертите“ везеа на теренот – европскиот шампион Шпанија на колена пред Франција

Селекцијата на Франција напрви голем чекор кон првото место во групата А на Олимписките игри, откако и по четвртото коло остана на максимум. Избраниците на Гијом Жил го победија убедливо европскиот првак Шпанија со 37-31.

Французите отворија со предност од 4-1, беше и 6-4, пред Душебаев и Сармиенто да израмнат на 6-6. Следуваше нова серија на „експертите“ за 10-6, а таквата предност не ја испуштија до самиот крај на натпреварот.

Отсуството на Морос, беше видливо во дефанзивата на европскиот првак, а до крајот на полувремето, Франција стигна до високи шест голови залиха, откако Ремили погоди на пет секунди до истекот на времето пред паузата.

Второто полувреме не ја донесе посакуваната неизвесност. На стартот Шпанија намали во два наврати на минус три, но во продолжение само една репрезентација играше на теренот.

Колку и да се трудеа избраниците на Жорди Рибера да се вратат во мечот, сепак тоа никако не им успеваше. Француските репрезентативци рутински ја одржуваа предноста, а во еден момент имаа и плус осум, 30-22, па им се закануваше дебакл на Шпанците. Сепак во финишот поразот беше малку ублажен.

Најдобри стрелци кај победникот беа Ремили со девет и Деска со седум погодоци, а голманот Жерар собра 11 интервенции. Кај Шпанците се истакнаа Душебаев и Гомес Абељо со по пет гола.