Експеримент или најава за еволуција: МАКЕДОНСКИТЕ СУДИИ ДОБИВААТ ВИДЕО АСИСТЕНЦИЈА (ФОТО)

Можеби веќе сме навикнати судиите на големите натпреварувања да бараат видео асистенција во нивната одлука, но за прв пат токму на дуелот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, судиите Благојче Тодоровски и Димитар Митревски ќе можат да се послужат со оваа алатка и на меч од националната македонска лига.

Вардар и Еурофарм Пелистер во рамките на суперлигашкиот плеј-оф ќе го одиграат првиот натпревар оваа сезона, еден од двата клучни за титулата во македонскиот шампионат. Токму поради важноста на овој дуел, македонските арбитри ќе имаат можност со ВИДЕО АСИСТЕНЦИЈА пандан на фудбалскиот ВАР, да потврдат или донесат спротивна одлука во важните минути на паркетот во „Јане Сандански“.

Во ракометот ВИДЕО АСИСТЕНЦИЈА се применува на Европските и Светските првенства и Ф4 турнирите од Лигата на шампионите и Лига Европа, постои повеќе од седум години, но со новите измени од 2022 година има посериозна улога и удел во одлуките на судиите.

Македонскиот ВАР систем ќе биде приспособен на македонски услови, иако технички нема да биде на нивото на врвните натпреварувања, сепак со помош на контролната соба на МРТ, македонските судии ќе добијат олеснување за расчистување на спорните ситуации на овој натпревар кој ќе има голем удел во одредување на новиот македонски шампион.