Египет беше преголем залак, Македонија ќе се бори за бронза на Медитеранските игри

Машката репрезентација на Македонија ќе се бори за бронза на Медитеранските игри, откако во полуфиналето загуби од силната селекција на Египет со 34-20.

Иако во поголем дел од првиот дел нашите ракометари беа рамноправни, сепак еден лош период во финишот, беше доволен „фараоните“ да направат солидна залиха, а во вториот дел само да ја зголемат.

Кизиќ тргна добро на голот, но исто и Ел Тајар на спротивната страна, па за првиот гол чекавме четири минути. Египет поведе со 2-0, а првиот гол за Македонија беше дело на Стојковиќ. Момците на Парондо зголемија на 4-1, па беше и 6-3, но со два гола во серија, Македонија се врати на 6-5.

Се зголемуваа грешките во нашиот напад, а ривалот тоа го казнуваше и обезбеди плус шест на паузата, 16-10, иако Петров можеше да намали, но не погоди во последните секунди.

По десетина минути игра во второто полувреме Египет стигна до плус десет, 22-12 и веќе беше јасно дека таква негатива ќе биде многу тешко да се стигне. Се измешаа поставите на теренот, но немаше преголеми возбудувања, па Египет само рутински го приведе мечот до крај за конечни 34-20.

По три гола во македонската репрезентација дадоа Павле Атанасијевиќ, Стојковиќ, Џонов и Јагуриновски. Нашата селекција ќе се бори за бронзен медал в среда од 12:30 часот со поразениот од дуелот меѓу Шпанија и Србија.