ДНЕВНИКОТ од Краков: Заробена репрезентација

Краков, 18. jануари: Ни Краков, ни Катовице, туку на крај сепак Плоцк. Македонија се приклучува во егзотичното друштво што ќе игра за „Куп на претседателот“. Измачување за сите пари, уште 3-4 мачни натпревари за пласман од 25 до 32.место и можеби, за продавање приказна дека „собираме искуство“ и дека некого сме победиле. Може слободно сега со Алжир и со Мароко само да си повежбаат и за плеј-офот.  И, така отиде македонскиот ракомет во „африканската зона“!

„Фалангата“ разочарана и на крај и испокарана си го фаќа патот за дома. Поголем дел, барем од оние што не се со гратисите, добро ќе подразмислат дали во блиска иднина, пак ќе чепнат од домашниот буџет за ракометна екскурзија по ова најновото краковско искуство. Навивачите си го кажаа своето. Може колку сакаме да се правиме дека не гледаме и не слушаме, ама ехото стига. И не е пријатно воопшто. Погледнете ги снимките и фотографиите од вчерашниот дебакл со Аргентина и сè ќе ви биде јасно.

Баталете додворувачки пораки, мотивациски говори и милосрдни статуси дека се љуби и кога се губи. Тоа на јога. Ова е ракомет, спорт број еден во Македонија и репрезентација со која се идентификуваше нацијата. Барем до неодамна додека не стана оттуѓена, затворена и заробена во големите надежи и очекувања од една страна и во егото и суетата од друга.

Како попарени бевме вчера во „Таурон Арена“ кога и од Аргентина направивме велесила и ги изненадивме дури и Аргентинците. Ама, ајде да ги тргнеме настрана емоциите, да видиме што велат фактите.

Тргнавме со најавена стратегијата дека „сега имаме идентитет?!“ и за некоја година „ќе бидеме како Норвешка“. Така кажа селектор…

Потоа изгубивме од Норвешка во првото коло двоцифрено. Ајде, тоа можеби беше и очекувано, Норвежаните целат на медал, а ние уште не сме Норвешка. Ама имаме таргет – да ги победиме Холандија и  Аргентина во наредните две и да се пласираме во главната фаза. Така кажа селекторот…

Изгубивме двоцифрено и од Холандија. Исти грешки, иста стратегија, одбраната не знае кај тера…Незадоволство кај играчите излегува на виделина. Пола таргет – ќор фишек. Селекторот вели – немаме карактер!

Аргентина мора да се добие. Последна шанса да се спаси нешто од првенството и од угледот, ако сакате.

Аргентина не е Норвешка, ракометот не е фудбал. Светското не е европско, барем на не-европските од долниот ешалон може да им парираме. Па го победивме Чиле на претходното СП во Египет, кога ама баш не знаевме кај тераме! Помалку наивно дури и верував дека стручниот штаб онака броен и габаритен, со тефтерите на готовс,  подготвил посебна стратегија за „клучниот меч“ со Аргентина.

Сфатив дека мислата ми е илузија уште кога истрча првата постава…Аргентина или Норвешка иста е играта и грешките и нападот и одбраната, дури и резултатот на полувреме!

Па добро бе, си велам, Шиц и Климе и двајца со тапаните да ги седнеа на клупа нешто ќе сменеа! Отиде и Аргентина во двоцифрена негатива. Три од три порази на СП, шест од шест на последните две првенства…Никој не бара медал, ама и ова веќе не оди!

„Фалангата“ се тепа, свири и скандира – ОСТАВКИ!

Занемуваме. Ова не било никогаш досега, барем јас не паметам во последниве две децении.

Селекторот вели – имаме долгорочна стратегија!

Голем е „кредитот“ што го има Кире Лазаров во Македонија. Но, тежи и хипотеката на „заробена репрезентација“. Ослободете ја од егото и од суетата додека сè уште има време, да не го изгубиме и тоа малку што остана!