Ивано Балиќ „удри“ по модерниот ракомет: Денес се игра без мозок!

Ивано Балиќ повторно предизвика внимание во ракометната јавност со остра оценка за денешната игра, оценувајќи дека современиот ракомет се игра „прилично без мозок“ и дека премногу се сведува на трчање и обид да се постигнат што повеќе голови.

Легендарниот хрватски ас зборуваше на „Сплит спорт фестивал“ во својот роден Сплит, каде беше дел од панел со поранешни врвни спортисти посветен на предизвиците на професионалниот спорт.

Токму таму Балиќ не се задржа само на носталгија кон старите времиња, туку директно направи споредба меѓу ракометот некогаш и денес.

„Денес ракометот се игра прилично без мозок. Трчаш и се обидуваш да постигнеш што повеќе голови. Такво нешто не гледам. Не ми се допаѓа и затоа не гледам ракомет толку често колку што би требало. Порано тоа беше гладијаторски дуел, во кој требаше да го надмудриш противникот. Тоа повеќе ми се допаѓаше. Денес сето тоа е само трчај и шутирај“, истакна Балиќ.

Во истиот разговор, поранешниот хрватски репрезентативец се наврати и на своите почетоци, откривајќи дека како млад тренирал од 8 до 10 навечер на отворено бетонско игралиште, бидејќи тоа бил единствениот термин што можел да го усогласи со училишните обврски. Балиќ нагласи дека тогаш за него било важно само да игра ракомет, без многу размислување за условите, се додека екипата била добра и тој се чувствувал добро во неа.

Настапот на Балиќ беше дел од поширок панел на кој се разговараше за притисокот во врвниот спорт, менталната сила, секојдневните откажувања и предизвиците по завршувањето на кариерата.

▶▶▶  Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.