Данците стигнаа во Токио, но не смеат надвор од собите – Селекторот Јакобсен нервозен

Во пресрет на Олимписките игри, селекторот на репрезентацијата на Данска, Николај Јакобсен упати низа критики по пристигнувањето во Токио.

Стратегот од Данска за домашната ТВ2, изјави дека на неговите избраници не им е дозволено да ги напуштаат хотелските соби во кои престојуваат, а ограничувањата биле строги.

„Ограничувањата се строги и на играчите не им е дозволено да ги напуштаат хотелските соби. Не разбирам како со овие ограничувања ќе ги спроведуваат Олимписките игри. Се надевав и верував дека условите ќе бидат подобри од оние со кои требаше да се соочиме“, изјави Јакобсен.

Данска на Олимписките игри во Токио за противник освен Јапонија ги има и репрезентациите на Египет, Бахреин, Португалија и Шведска. Својот прв натпревар ќе го одиграат на 24 јули против домаќинот Јапонија.