Дански тим остана без 120.000 евра поради музика!

Скоро сите клубови ширум Европа ги кратат платите на ракометарите и вработените, но се чини дека данскиот Скандерборг претрпе најголема штета од коронавирусот.

Прволигашот во првенството на Данска објави дека остана без 900.000 круни или околу 120.000 евра поради музика.

Скандерборг е еден од организаторите на многу популарниот музички фестивал „Смукфест“ кој се одржува секоја година во близина на градот. Но традиционалниот фестивал кој се одржува секој август е откажан заради коронавирусот и на тој начин Скандерборг остана без планираните средства. Ова претставува огромен удар за клубот и за наредната сезона ќе мораат да бараат дополнителни спонзори.

„Тоа се многу пари и ова е голем удар за нас, ќе има големо влијание на нашето работење наредната сезона. Се надевам дека ќе најдеме друг извор за финансирање“, рече претседателот на клубот Јенс Кристенсен.