Голден Арт 2 храбро се бореше, но Драчево ги грабна бодовите

Тимот на Драчево ја оствари втората победа во новата сезона откако славеше над новиот прволигаш Голден Арт 2 со 35-33.

По стартните 0:1, домаќинот го презема водството и во текот на целиот натпревар имаше предност, но која во ниту еден момент не надмина три разлика.

На полувреме избраниците на Велимир Настески имаа само гол предност, 17-16, а во вториот по 28-25, Голден Арт 2 направи серија и погоди три пат за 28-28.

Тоа внесе возбудувања во финишот, Драчево ја одржуваше предноста од гол или два. Храбриот гостински состав на Филип Глигоров имаше можност уште повеќе да внесе драма при 33-31, но на два пати одбрани домашниот голман Ангеловски.

Во победничкиот тим се истакнаа Дука со 11 реализации и Андовски со седум, додека кај Голден Арт 2, десет гола даде Стаменковиќ, а Џигероски беше стрелец на шест погодоци.