Голден Арт 2 стигна до третата победа во дебитанската сезона

Дебитантот во Првата лига, екипата на Голден Арт 2 во натпревар од 5. коло од прволигашкото друштво оствари победа над Металург РА со резултат 33:30. За младиот тим во Првата лига денешната победа беше трета во дебитанската сезона.

Тимот од Автокоманда имаше фуриозен старт и со погодоците на Филиповски, Кобеиси, Стојанов и Крстевски дојде до водство од 5:0. Домашната екипа првиот гол го постигна по осум минута игра преку Џигероски и за уште една минута додаде два брзи гола во мрежата на гостите за намалување на предноста на 5:3. Избраниците на Глигиров од тој период заиграа поангажирано и предводени од незадржливиот Стојаноски кон половина на првото полувреме направија пресврт.

По водството на Металург РА од 7:4, следуваше одлична серија на домаќините од 6:0, кои од минус три, во 20 минута дојдоа на плус три гола предност 10:7. Голден Арт до крајот на првото полувреме успеа да изгради сериозна предност, се одлепи на 13:9 и на полувреме имаше активен резултат од 15:11

Гостинот во второто полувреме немаше многу опции во нападот и не успеа да го надигра домашниот состав, кој стекнатата предност од првиот дел рутински ја одржуваше во вторите 30 минути. Во текот на 40 минута резултатот беше 21:17, додека во 47 минута домаќините имаа плус девет, 27:18.

При самиот финиш, односно по водството на Голден Арт од 30:25, гостите ја искористија опуштеноста во домашните редови и со три гола во низа намалија на 30:28. Иако составот на Металург РА можеше да се избори за егал и да дојде до минус еден, сепак, домаќините не дозволија да има пресврт.

Најефикасни во победничката екипа беа Бојан Гилев и Немања Џигероски со осум погодоци, додека Петар Стојаноски имаше седум реализации. Кај поразениот табор се истакнаа Миле Бочкаровски со осум и Виктор Крстевски со шест гола.