Голден Арт безмилосно ја наполни мрежата на Кичево, броеше до 55 гола

Екипите на Голден Арт и Кичево го отворија 15. коло во Првата машка лига, а на убедлива победа се израдуваа избраниците на Никола Матлиески кои триумфираа со резултат 55:23.

Голден Арт фаворитската улога ја оправда уште во првото полувреме. Ракометарите на домашната екипа по пет минути игра имаа водство од 5:2. Гостите и покрај краткиот ростер во првата половина од првиот дел не му дозволуваа на својот противник да се одлепи на сериозна разлика.

Кичевци во 10. минута преку Тасески дојдоа до еден гол негатива, 8:7. На добрата игра на гостинот, домаќинот одговори со серија од 3:0 за 11:7. Во последните петнаесетина минути од првото полувреме, Голден Арт ја покажа својата доминација на терен и со лесни погодоци, кои главно беа реализирани од контри и полуконтри, на пауза замина со убедливо водство од 24:12.

Домаќините на почетокот на второто полувреме направија одлична серија од 9:0 за највисоко водство од 33:12. Ракометарите на Кичево првиот погодок во второто полувреме го постигнаа во 37. минута и до крајот успеаја да погодат уште десетпати.

Најефикасни во редовите на Голден Арт беа Симон Гучески и Есад Дрпљанин со седум погодоци, додека Кристијан Стаменковиќ, Никола Димитров и Петар Стојаноски постигнаа по шест гола. Во Кичево прв стрелец беше Тасески со осум погодоци.