Гичевска: Ќе гинеме на терен, играме за целиот македонски народ!

Женската селекција на Македонија ги доби Франција, Романија и Холандија за ривали на Европското првенство што ќе се игра во Словенија, Црна Гора и во нашата земја.

Левиот бек Леонида Гичевска, која игра во одлична форма оваа сезона, ги сподели своите први импресии по ждрепката.

„Групата не е за да се посака, сега веќе нема назад, на Европското првенство нема лесен противник. Како прво, некако мораме да го смениме нашиот поглед кон сите противници и да си дадеме желба и значење на тоа нивно ниво. Како спортист за кратко време одиграв многу натпревари и извадив заклучок дека нема непобедливи и секогаш има изненадувања. Противниците се силни, со искуство, воиграност, професионализам, но нели такви беа и Словенија, Црна Гора и Норвешка, па им париравме до 50 – 55 минута, тие последни минути треба да ги поправиме. Секако, првпат со некои играчи се воигруваме и тоа е тоа што ни недостасува, дефинирање на позициите на секој играч кој каде ќе игра, и натпревари, само натпревари за воигрување“, вели Гичевска за 24Ракомет.

Ќе биде тешко да се обезбеди место во главната рунда, но не и невозможно.

„Јас лично мислам и верувам дека ќе дадеме се од себе, сепак, играме за нашата најубава држава, за моите луѓе, браќа, сестри, пријатели, за мојот македонски народ пред македонската публика, која го заслужи тоа затоа што се радува искрено на секој спортски успех. Затоа сите ќе дадеме се од себе, ќе гинеме на терен. Еве, уште еднаш ветувам дека ако може да им дадеме некое значење како супер сили во ракометот ќе има изненадувања, ама јас си давам повеќе значење на мене и моите ракометарки, така што нема да биде изненадување, туку одиме на победа против секого“, заврши Гичевска.

Македонија ќе го одигра првиот меч на 5 ноември против Франција, за два дена следува двобој со Холандија, а на 9 ноември е мечот со Романија.