Германија ослабена на ЕП во Македонија – Миневскаја ја заврши кариерата!

Репрезентативката на Германија, Евгенија Миневскаја преку социјалните мрежи објави дека ја завршува ракометната кариера.

Ракометарката, која има белоруско потекло, пред околу една година остана без клуб, откако спогодбено го раскина договорот со романска Валчеа.

Иако Миневскаја се надеваше дека ќе се врати на ракометните терени во текот на оваа сезона, сепак, пред извесен период заплива во брачните води, па така искусната ракометарка реши целосно да се посвети на приватниот живот.

„Ви благодарам за сите подеми и падови. Ви благодарам за неверојатно одличните, сензационални, возбудливи, уникатни моменти и исто така за поддршката за поразите, повредите и препреките од кои научив! Тешко ми беше, но време е да ја повлечеме конечната линија. Прифатив дека мојата ракометна кариера е завршена…”, напиша Миневскаја на социјалните мрежи.

Левиот бек во својата кариера настапуваше за екипите на Турингер, Лајпциг, Мецинген, Брест Бретањ и Валчеа. 29-годишната ракометарка беше членка на германската репрезентација од 2012 година.

Германија на Европското првенство 2022, на кое нашата држава заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат домаќините на континенталниот собир, ќе игра во група со Полска, Шпанија и Црна Гора.