Германија го потврди четврт-финалето, но ќе почека за противникот

Селекцијата на Германија со победата од 29:25 против Бразил го потврди местото меѓу најдобрите осум репреентации на Олимписките игри, но за ривалот со кој ќе игра во елиминациите ќе мора да почека бидејќи останува да се одигра уште дуелот меѓу Данска и Шведска.

Германците си обезбедија убава предност од четири гола. Бразилците не можеа да следат во завршницата од првите 30 минути. Иако Германија беше во постојана предност, сепак, селекцијата на Бразил успеа да се одржува во игра. Последен пат нерешено беше при 12:12, а потоа следуваше 4:0 за Германија и убаво водство на одмор од 16:12.

Во отворањето на второто полувреме составот на Германија брзо стигна и до плус седум, 21:14. Оваа разлика овозможи во продолжение да се игра многу помирно и само да се чува водството. Без поголеми проблеми се дојде до посакуваното, па во финишот се одигра искусно за конечни 29:25 и место во четврт-финалето.

Јури Кнор и Штефен Вајнхолд беа најефикасни со по шест гола, додека во Бразил Леонардо Дутра беше најефикасен со седум погодоци. На ниво во редовите на Германија беше и голманот Јоханес Битер, кој собра 12 одбрани.

Со оглед на тоа што и Германија и Норвешка имаат по шест бода решава меѓусебниот дуел, а во него Германците се подобри бидејќи победија, па тие се третопласирани.