„Гаучосите“ издржаа едно полувреме, Германија запиша прва победа

По поразот од Шпанија во првото коло, репрезентацијата на Германија ја забележа првата победа на Олимписките игри во Токио. Избраниците на Алфред Гисласон триумфираа над Аргентина со убедлливи 25-33.

На стартот на првото полувреме јужноамериканската репрезентција диктираше темпо и резултат, а најчесто водеше со еден или два гола разлика. По петнаесетина минути Пизаро донесе плус три за Аргетина, 7-4, а беше и 8-5.

Германците во продолжение заиграа посериозно, ривалот немаше премногу идеја во нападот, Вулф фати неколку топки и следуваше серија од пет погодоци за 8-10. Аргентина се врати во игра и израмни на 10-10, но на пауза се замина со минимално водство за Германија, 13-14.

Москариело и Симоне реализираа на стартот на вториот дел за 15-14, но за три минути Германците дадоа четири гола и веќе беше 15-18. Предноста на Бундес тимот отиде и на четири гола, па на пет, а Аргентинците иако се обиидуваа, не можеа да сторат ништо повеќе против разиграниот ривал.

Шилер и Кастенинг дадоа по седум гола, а голманот Вулф имаше 12 интервенции. Кај Аргентина, Мартинез и Диего Симоне постигнаа по пет погодоци.