Гакидова и Јанеска редат победи во Турција

Во рамките од третото коло од женската лига во Турција, Коњалти ја запиша својата трета победа откако на гостински терен беше подобар од Анадолу Универзитет со еден гол разлика, 24:23.

Победничката екипа во која настапуваат двете репрезентативки на Македонија, Ивана Гакидова и Моника Јанеска, продолжува да изненадува во Турција и веќе се смета за потенцијален кандидат за првите пет места на табелата.

На овој натпревар, Гакидова и Јанеска постигнаа по три гола и имаа голем придонес во победата над ривалот од ланската сезона. Најефикасна во Коњалти беше поранешната репрезентативка на Црна Гора, Сања Премовиќ со шест погодоци.

Во следното коло, Коњалти на свој терен ќе се соочи со незгодната екипа на Јенимале. Моментално тимот на Коњалти е на второто место на табелата со шест освоени бодови, веднаш зад Его Спорт кој има ист број на бодови, но подобра гол разлика.