Вујовиќ: Пред мечот ќе ја пеам црногорската химна, но кога ќе почне – нема попуст за никого!

Како наближува почетокот на првенството така многу занимливости се појавуваат во пресрет на некои натпревари. Во групата А секако со големо внимание ќе се следи дуелот од второто коло меѓу Црна Гора и Иран на 14 јануари.

Ова од причина што на клупата на Иран како селекторот седи темпераментниот Црногорец Веселин Вујовиќ поранешен тренер на Вардар.

Пред одигрување на овој натпревар Иран во првото коло ќе игра против Чиле што е можеби и клучниот дуел за третото место во групата. Сепак натпреварот Црна Гора – Иран ќе биде со многу поголемо внимание.

– „Црна Гора не може да има двајца селектори. Сега е Зоран Рогановиќ, а јас сум селектор на Иран. Но, тоа не го менува моето национално определување. Црногорците секогаш имаат добра проценка за храброст, херојство и чесност. Никогаш ништо лошо не сум кажал кога е во прашање мојата земја и мојот народ и дека луѓето тоа ќе знаат да го ценат. Секако и дека ќе ја пеам црногорската химна и ќе и се радувам, тоа за мене е гордост и чест, но кога ќе почне натпреварот нема попуст за никој, па ниту и од најблиското семејство“, изјави Вујовиќ за црногорските медиуми.

Во рамки на подготовките за Мундијалот селекцијата на Иран на „Новогодишниот турнир“ во Катовице забележа една победа над Мароко и претрпе два пораза од Белгија и од Полска.

Иран е дел од А групата на Мундијалот и ќе игра во Краков против Чиле (12 јануари), Црна Гора (14 јануари) и Шпанија (16 јануари).