Вујовиќ заминал од Загреб заради – круши и цреши!

Екипата на ППД Загреб пред неколку дена остана без својот тренер, Веселин Вујовиќ кој одлучи да поднесе оставка, а сега веќе се познати и причините поради кои го направи тоа.

Во изјава за медиумите во Хрватска тој објасни дека почнал приватен бизнис и дека како и сè во животот кога нешто работи тоа го работи со целосна посветеност. Оттаму тој е решен да се насочи кон новата работа, но вели дека иако размислува за крај на тренерската кариера уште го нема кажано последниот збор.

„Вложив во приватен бизнис. Имам голема плантажа на овошје. Одгледувам круши и цреши и поради оваа работа морав да им се заблагодарам на луѓето од ППД Загреб кои на мене сметаа и во следната сезона. Работата е од таква природа што би морал често да отсуствувам, а јас ништо не сакам да работам површно. Не сум ја затворил вратата во ППД Загреб и секогаш ќе бидам на располагање кога ќе имаат потреба од мене. Секако, мојата тренерска кариера не е ниту приближно завршена иако за крај размислував многупати“, вели Вујовиќ за хрватските медиуми.

Многумина неговото повлекување од ППД Загреб го поврзаа со можен трансфер во Вардар, но засега нема такво нешто и Стевче Алушовски е тренерот кој ќе ги води „црвено-црните“ во новата сезона.