Втор пораз во СЕХА: Еурофарм со празни раце се враќа од Белорусија

По трите победи на стартот од регионалната СЕХА лига против Металопластика, Спартак и Веспрем, ракометарите на Еурофарм Работник влегоа во негативна серија, па по поразот од Загреб, загубија и на гостувањето кај белорускиот првак Мешков Брест со 31-22.

Домаќинот тргна со убедливо водство од 6-1, а во меѓувреме и најдобриот играч на „фармацевтите“, Ловро Јотиќ се повреди и не влезе подоцна во игра. Битолчани намалија на 6-4, но потоа домашните од сите позиции го полнеа голот на Митревски.

По дваесетина минути беше 13-4, а очигледно ниту тајм-аутите на Стевче Алушовски не ги разбуди ракометарите, па продолжија во ист стил – со грешки во нападот и слаба одбрана. Мешков водеше и со 17-8, но на пауза се замина со седум голови разлика, 19-12.

По серијата одбрани на Митревски во вториот дел, Еурофарм се врати во игра и намали на 21-17, но кога требаше да го зададе последниот удар, без Јотиќ и Остроушко во напад, немаше сили за комплетен камбек во натпреварот.

Мешков пак се одлепи на 27-19 и само рутински ја сочува предноста до самиот крај за конечни 31-22. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ваилупау со шест голови, а по пет дадоа Јуринок и Кулак, додека кај Еурофарм Работник, Ојлески даде пет, а по четири Граџан и Ѓукиќ.

Следен предизвик за македонскиот тим ќе биде средбата со финскиот Кокс во Лигата на шампионите в недела.