Вардар останува без средниот бек од Хрватска – Јотиќ од денеска нов член на Лајпциг

Организаторот на играта на Вардар и повремен репрезентативец на Хрватска, Ловро Јотиќ после само една сезона во Вардар одлучи да ја смени средината и во следната сезона ќе биде дел од Бундес лигта, а ќе настапува за тимот на Лајпциг.

Јотиќ потпиша договор на една година со опција истиот да биде продолжен за уште една доколку постои задоволство на двете страни и желба за продолжување на соработката.

Денеска тимот од Германија го објави трансферот на ракометарот од кој се очекува да донесе квалитет плус во редовите на бундеслигашот. Го очекува голем предизвик и сигурно нема да биде лесно, а дефинитивно играњето Еурофарм Пелистер и Вардар треба да му биде од помош.

Јотиќ дојде во Македонија пред две години како големо засилување за Еурофарм Пелистер и беше лидер на овој тим во сезоната 2019/20. Се одлучи брзо да си замине, а требаше да направи трансфер во Бенфика. Сепак, тука во игра влезе и Вардар, па Јотиќ на крајот заврши меѓу „црвено-црните“.

На натпреварите од Лигата на шампионите има 37 погодоци, а имаше и мали паузи во текот на сезоната така што не беше во можност да ги одигра сите натпревари.

За трансферот во редовите на Лајпциг првпат стана јасно пред месец и пол кога клубот од Бундес лигата почна да бара замена за Филип Вебер кој заминува во Магдебург. Јотиќ стана прва опција и денеска е веќе официјализиран неговиот трансфер, па сега е на Вардар да најде и замена за него.