Вардарци сами решаваат – го „сакаат“ Веспрем или не

Ракометарите на Вардар во рамките на ЕХФ неделата ќе го одиграат заостанатиот натпревар од групната фаза во регионалната СЕХА лига, по што ќе бидат комплетирани сите средби од групата Б и ќе биде познат конечниот пласман на четирите екипи.

Засега јасно е дека Мотор Запорожје е прв со 12 бодови, а Војводина последна со 3 бода. Вардар е послаб во меѓусебниот дуел и со Нексе и со Мотор (двете екипи имаат по 9 бода), па ако загуби од Војводина ќе биде трет, ако победи во Нови Сад ќе биде најмногу втор на табелата.

Ако Вардар слави (или одигра реми), ќе игра со Веспрем и тоа директно во четвртфиналето. Ако загуби оди на полесна варијанта која сепак носи два меча плус во осминафиналето, против Татран Прешов или Војводина, а потоа во евентуалното четвртфинале против лидерот од групата А, веројатно Загреб.

Македонскиот тим ќе биде ослабен во пресметката со Војводина, бидејќи ќе биде со редуциран состав. Очекувано е Талески, Стоилов, Кизиќ, Мишевски, Георгиевски, Димитриоски, Валчак, Чупиќ, Шеваљевиќ, а можеби и уште некој да бидат со своите националните тимови, па Стевче Алушовски ќе има веројатно десетмина на располагање.

Тимот од Нови Сад исто така има репрезентативци на Србија во своите редови, но тоа ќе бидат веројатно само левото крило Шотиќ, десниот бек Николиќ и десното крило Станковиќ, па Војводина ќе има поширок ростер на располагање.

Натпреварот меѓу Војводина и Вардар се игра на 27 април со почеток во 17:00 часот.

Хрватскиот првак Загреб нема да игра на домашно тло до 26 мај, но прашање е дали ќе има термини да бидат одиграни заостанатите три натпревари против Татран Прешов, Металопластика и Еурофарм Пелистер, бидејќи следува и репрезентативна пауза.

Ако остане табелата каква што во моментов е, а тоа е многу веројатно, битолчани ќе го скокнат осминафиналето, а во четвртфиналето ќе ги чека Мешков Брест, додека вардарци веќе рековме на 27 април ќе го „одберат“ својот ривал.