Валентина Радуловиќ: На ракометот му се вратив поради син ми, се уште ја сакам топката

Некогаш беше незаменлива на позицијата десно крило во репрезентацијата на Македонија и во тимот на Кометал Ѓорче Петров, а потоа имаше и интернационална кариера носејќи го дресот на Хипо и Шлагелсе. Валентина Радуловиќ, имаше успешна кариера во која освои голем број титули и забележа и голем број на настапи како во Лигата на шампионите така и на Светските и на Европските првенства.

После успешната кариера како играч беше надвор од ракометните терени извесно време, а потоа одлучи да се врати, но како тренер.

Првите допирни точки со тренерската работа ги имаше во редовите на Вардар, а потоа почна да работи во Шампион. Со овој тим веќе се најде и во Супер лигата во женска конкуренција, а уште во 1. коло се виде дека клубот не е случајно во елитното друштво.

Победата против Овче Поле во Свети Николе го привлече вниманието, па дебитантот во Супер женската лига го заслужи своето внимание.

„Ова е веќе четврта година како работиме во овој состав. Се работи за млади девојчиња кои се родени 2002, 2003 и 2004 година. Имаме напредок, а тоа се виде и со играњето на кадетскиот фајнл-фор на кој одигравме нерешено против Вардар, а потоа загубивме на пенали. Тоа беше одличен резултат бидејќи бевме меѓу најдобрите“, вели тренерот на Шампион, Валентина Радуловиќ.

Таа вели дека не се откажува никогаш и дека сака победа на секој натпревар. Сепак, во оваа сезона која е дебитантска целите не се така високи.

„Одлучивме да се пријавиме за настап во Супер лигата бидејќи ќе можеме да одиграме поголем број на натпревари. Останавме истата екипа, а тоа не значи дека понатаму нема да се зголеми апетитот и нема да се засилиме. Засега е вака. Нашата цел сега е да не бидеме последни на табелата. Ако се прашувам јас би сакала да се бориме и за титулата, но рано е. Јас верувам во овие девојки. Инаку, по природа сум оптимист и секогаш сакам да победувам. На секој натпревар кога излагаме на терен размислувам за победа“.

Инаку, клубот во кој работи е формиран во 2009 година, а има интересна приказна за причината поради која се одлучила да почне со работа како тренер.

„Клубот е формиран во 2009 година од страна на Слободан Чивлачки. Прво имаше машки тим, а потоа беше формиран и женски. Јас не планирав да се вратам воопшто во ракометот, но кога го видов син ми нешто проработи. Тој е левак и го видов како игра и забележав дека има нешто од мајка му. Тоа ме врати на терен“.

Сезонава покрај тоа што е тренер постојат шанси да биде видена и на терен бидејќи е пријавена во двојна улога и како тренер и како играч.

„Пријавена сум за настап бидејќи сакав да им дадам мотивација плус на девојчињата. Меѓутоа никогаш не се знае. Ја сакам топката и едноставно ме влече. Дури и на самите тренинзи некогаш знам да трчам заедно со девојките. Сакам да ги мотивирам на тој начин“.

Интересна е и споредбата која ја има во однос на квалитетот на лигата која се игра сега и онаа која се игра во нејзино време.

„Во оваа лига фаворити се Куманово, Вардар, Металург… Кога јас играв тогаш постоеше само еден тим, Ѓорче Петров и беше јасно кој е шампион. Сега постои поголема израмнетост и надигрување. Не може предвреме да му се даде на некого улога на фаворит и да биде прогласен за победник. Сега е сосема поинаку“.

Иако во тимот има млади девојки вели дека нејзината цел секогаш е да оди на победа дури и против посилните и да се надигруваат со секого.

„Јас сум секогаш оптимист и на секој натпревар одам на победа. Кога се пријавивме за настап сезонава целта ни беше да не бидеме последни на табелата. Сакаме повисок пласман. Очекувам да бидеме во златна средина. Мислам дека имаме состав и квалитет за таков резултат“.

Што се однесува до квалитетот на ракометарките веќе гледа во нив и репрезентативки и смета дека барем две заслужуваат место во националниот тим. Воедно гледа и наследнички на една нова Вале, Гоца, Инди, Лела, Мими…

„Има добри девојчиња кај кои постои квалитет и можност за напредување. Верувам во сите што се во клубот. Работиме веќе неколку години и се работи за добра работа. Веќе се видов и со селекторот и му кажав дека има барем две девојки кај кои има квалитет за место и во репрезентацијата. Засега во младинската селекција, но набрзо ќе има и за во сениорскиот тим“, изјави Радуловиќ во интервју за 24 Ракомет.

Тимот на Шампион е единствениот дебитант во Супер женската лига, а ракометарките имаат можност да бидат водени од легенда на ракометот во Македонија. После победата на стартот против Овче Поле, клубот беше слободен, а следуваат нови дуели на кои ќе се очекуваат уште добри игри.