Бутел Скопје и Мајиќ продолжуваат уште две години

Интернационалецот од Црна Гора, левото крило Мирко Мајиќ ја продолжува соработката со тимот на Бутел Скопје и останува член на овој состав и ќе игра за тимот најмалку до јуни во 2023 година.

Тој пристигна во Бутел Скопје од тимот на Радовиш во 2018 година и стана еден од играчите кои се носители на играта така што со успех ги брани боите на суперлигашот.

„Одлучив да останам во Бутел Скопје од неколку причини. Од првиот ден во клубот па се до денеска се е испочитувано од страна на раководството. Момците со кои играм се фантастични и едноставно станавме големо семејство, го имаме она заедништво што е потребно за секој колектив. Бутел од година во година покажува квалитет и напредува во секоја смисла, па не гледам причина да не го продолжам мојот престој овде. Иако сум странец, се чувствувам како да сум дома бидејќи сите ме прифатија уште од стартот. Драго ми е што сум дел од овој клуб и што ќе му помогнам во остварувањето на амбициите. Да ми кажеше некој дека ќе останам толку долго време во еден ист клуб, немаше да му верувам, но сигурен сум дека сум на вистинското место. Се радувам на новите предизвици и високите амбиции на клубот“, вели Мајиќ.

Добрите игри беа доволна причина за да добие продолжување на соработката односно да добие можност да остане во екипата на Бутел Скопје и во следните две сезони. Со ова Бутел задржува еден од подобрите во својот тим и веќе го креира тимот и за следната сезона.