Брест Бретањ ќе има намален буџет, ама Тофт и Дарле добија нови договори

Францускиот шампион, Брест Бретањ следната сезона ќе има намален буџет, а голем дел од главните ракометарки ќе го напуштат клубот. Сепак раководството реши да ги продолжи договорите со двете голманки, Сандра Тофт и Клеопатра Дарле.

Голманката на Франција, Дарле го продолжи договорот за уште една сезона, додека репрезентативката на Данска, Сандра Тофт во Брест Бретањ ќе остане плус две сезони односно до 2023 година. И двете голманки имаа добри настапи во Лигата на шампионите со иста минутажа меѓу стативите.

Клубот по завршувањето на сезоната ќе го напушти главната ракометарка, Ана Грос која ќе се пресели во ЦСКА Москва. Изабел Гулден оди во норвешкиот шампион, Вајперс Кристијансад, а Французинката Аманда Тисие ќе биде ново засилување во амбициозната екипа на Нант.

Во францускиот шампионат, Брест Бретањ е водечки тим на табелата пред Мец, Бензансон, Париз и Шамбери. Во Лигата на шампионите во четвртфиналните дуели за противник го има конкурентот за титулата од домашното првенство, Мец.