Бранко Тамше: Полесно е да победиш во Северна Кореја отколку во Загреб!

Екипата на Нексе, која направи историски успех во Европа, поточно во Лига на Европа, обезбедувајќи пласман на Ф4 турнирот во второто по ранг квалитетно европско натпреварување, минатиот викенд гостуваше кај Загреб и доживеа пораз, но причината за поразот ја бара кај судиите и Хрватскиот сојуз.

Фактички, натпреварот не можеше да се следи ниту на телевизија, ниту на интернет, но го судеа судиите кои традиционално ги судат сите решавачки натпревари на клубот од Загреб.

Од раководството на Нексе реагираа дека целата ситуација има една цел, а тоа е да им се помогне на ракометарите на Загреб да ја освојат титулата. Тренерот на Нексе, Бранко Тамше, во разговор за „Спорт Клуб“ од Хрватска, истакна дека во ниту еден случај не е прифатливо да нема барем камери во салата.

„Ова навистина беше специфичен натпревар. Но, да резимираме на кратко, во саботата би имале повеќе можности да играме ракомет во Северна Кореја отколку во Загреб. Вакви работи се незамисливи да се случуваат. Јас, ја бранам тезата дека спортот мора да биде за ракометните фанови, а во 21. век за мене е неприфатливо да се забранат камери во сала. Се знаеше како треба натпреварот да заврши и се знаеше дека разликата треба да биде поголема за да немаат тежина нашите зборови по натпреварот“, изјави Тамше.

Нексе во првиот натпревар од регуларниот дел од сезоната успеа да го победи Загреб и да му го нанесе првиот пораз во домашниот шампионат по 15 години. Двете екипи ќе се борат за титулата во плеј-оф натпреварите. Првата финална средба е закажана за 21 мај, додека вториот финален натпревар ќе се одигра во Нашице на 25 мај.