Блесок на Алмеида, Куманово не виде мака против Пелистер

Македонскиот вицепрвак Куманово на свој терен запиша убедлива победа против екипата на Пелистер со 41:25 во натпревар од 7. коло од Женската лига. Свое голгетерско шоу на теренот во спортската сала при СОУ „Перо Наков“ имаше бразилската интернационалка Алмеида, која во противничката мрежа постигна 15 голови и го водеше домашниот тим до убедлива победа против амбициозната екипа од Битола.

Куманово уште во воведниот дел покажа дека научил од грешките, кои ги имаше во двата воведни порази од Вардар и Чаир, и од стартот, па сѐ до крајот на натпреварот константно беше во водство. Ракометарките на Драгана Ристова стартуваа со водство од 4:1, во неколку наврати му дозволија на гостинот да парира и да ги покаже своите квалитети, но како одминуваше времето домаќинот градеше висока предност, која што резултираше со победа од 16 гола разлика.

Домашниот тим кон средината на првото полувреме дојде до водство од 10:5. Пелистер се обидуваше да фати приклучок и да влезе во ритам, но никако не успеваше да ја намали негативата. Куманово водството од пет гола разлика рутински го сочува и на пауза замина со предност од плус шест гола разлика, 20:16.

Иако се очекуваше дека гостинките од Битола во второто полувреме ќе се консолидираат и ќе го направат натпреварот понеизвесен, сепак, од тоа немаше ништо. Во второто полувреме на теренот доминираше Алмеида која го наполни голот на битолчанки, а поддршка имаше и од Граматова, Нолевска и Цветановска кои создаваа дополнителни проблеми на гостинките.

Кај Куманово Андреза Алмеида беше најефикасна со 15 погодоци, додека Пена Граматова беше втор стрелец со седум гола. Во поразениот табор се истакнаа Ана Марија Талева со седум и Мари Франсоа со шест гола.