Беше дел од сите успеси на Црна Гора, а против Македонија го одигра последниот натпревар

Натпреварот против Македонија во рамки на ЕХФ Евро купот беше последен за Мајда Мехмедовиќ во нејзината богата репрезентативна кариера. Со победа од 31:30 и три постигнати гола во Никшиќ, искусната ракометарка на Кастамону се збогуваше од црногорската репрезентација.

Мехмедовиќ беше една од носителките на репрезентацијата на Црна Гора, а реши да го отстапи своето место на помладите ракометарки кои играат на нејзината позиција, лево крило.

Мехмедовиќ беше дел од сите успеси на Црна Гора. На Европското првенство 2012 година кое се одржа во Србија, Црна Гора го освои златиот медал. На тоа првенство, Мехмедовиќ беше главна алка во составот предводен од Драган Аџиќ.

Својата репрезентативна кариера ќе ја памети и по одличниот резултат и сребрениот медал со репрезентацијата на Олимписките игри во Лондон. Беше членка на сениорската селекција на Црна Гора од 2008 година.

Со нејзиното повлекување од репрезентативниот табор, на Светското првенство во Шпанија кое ќе се одржи во месец декември, селекторката на Црна Гора, Бојана Поповиќ, како алтернатива на позицијата лево крило ќе ги има Ивона Павичевиќ и Дијана Мугоша.