Белевска доаѓа во Ѓорче Петров, Петровска го продолжи договорот

Во низата засилувањa за Ѓорче Петров, најнова ракометарка е битолчанката, Анастасија Белевска. Младата ракометарка во изминатата сезона беше една од носителите на играта во составот на Пелистер.

Добрите партии во Женската лига беа причина да добие понуда од новиот проект во македонскиот ракомет, Ѓорче Петров.

Белевска игра на позиција десно крило, но исто така може да игра и како десен бек. Со екипата на Пелистер има настапувано во Челинџ купот.

„Во Ѓорче Петров ми понудија добри услови, одлуката беше лесна и се одлучив за овој клуб. Убедена сум дека ја направив вистинската одлука за мојата кариера. Се одлучив да потпишам за Ѓорче Петров поради тоа што ми се допаднаа амбициите на клубот. Очекувам да имаме добар успех и добар пласман на табелата“, изјави Белевска за 24 Ракомет.

Раководството на Ѓорче Петров по продолжувањето на договорот со Ања Велкова и Ангела Цветановска, се реши да го продолжи договорот и со една од надежните ракометарки, Ива Петровска. Десното крило ќе остане во редовите на ѓорчепетровки и следната сезона.

„Се одлучив да останам во Ѓорче Петров затоа што верувам дека ќе се состави еден силен и компактен тим. Среќна сум што ќе имам можност да соработувам со искусни тренери и добра екипа. Влегуваме со многу високи амбиции за повисок пласман на табелата и верувам дека со напорна работа ќе постигнеме голем успех“, изјави Петровска за 24 Ракомет.

За новата сезона, Ѓорче Петров ги ангажираше двете сениорски репрезентативки, Симона Стојановска и Анастасија Николовска, како и Ана Марија Коларовска, Марија Николовска, Симона Василева, Сања Цветковска и Слободанка Кицеска.