„Бев блиску до смртта, сите ме исмејуваa – но знаев дека ќе дојде моето време“

Репрезентацијата на Црна Гора на Европското првенство во Унгарија и Словачка го освои 11 место. Избраниците на Зоран Рогановиќ го остварија најголемиот успех во историјата на црногорскиот машки ракомет.

Иако, Црногорците не завршија меѓу најдобрите шест репрезентации, сепак, Милош Вујовиќ беше избран меѓу најдобрите, односно имаше свое место во ол-стар тимот на ЕП.

Репрезентативецот на Црна Гора во конкуренција со Хампус Ване, Емил Јакобсен, Ангел Фернандез, Бјарки Мар Елисон и Себастијан Бартхолд, беше избран за најдобро лево крило на Европското првенство.

Вујовиќ преку социјалните мрежи испрати јасна порака дека соништата стануваат реалност кога веруваме доволно силно.

„Да се ​​биде дел од идеалниот тим на Европското првенство е голема чест и задоволство. Неизмерно сум среќен за успехот што го постигнав. Сите кои ја следат мојата спортска кариера знаат какви препреки имав и колку време ми требаше да ги надминам. Несреќа, повреда на стапалото, но и други телесни повреди се само дел од пречките кои можеа да ме чинат не само спортска кариера, туку и живот. Непобедливиот дух, силната волја, но и поддршката од најблиските ми помогнаа да се издигнам од сите проблеми што ги имав. Ова признание е доказ дека соништата стануваат реалност кога веруваме доволно силно. Ова признание е доказ дека трудот, работата и упорноста се сигурен пат до успехот. Ова признание е доказ дека мојот успех ѐ и успех на целата ракометна репрезентација, на мојот идеален тим, на моите соборци, бидејќи заедно успеавме достојно да ја претставиме нашата земја. Ви благодарам на сите за пофалните зборови и поддршката, навистина ми значат“, напиша Вујовиќ на социјалните мрежи.

Членот на Фуксе Берлин на Европското првенство во Унгарија и Словачка беше дел и од најдобрите стрелци. Постигна вкупно 41 гол и заврши на 9 место на листата на стрелци. Вујовиќ во својот живот се соочил со низа препреки, кои не дозволил да влијаат негативно во неговата кариера, а една од препреките била и несреќата во Германија каде што се здобил со тешки повреди откако во него удрил камион додека тој возел точак.

„Се здобив со повреда на стапалото во репрезентацијата уште додека бев член на Татабања, но се опоравив по пристигнувањето во Фуксе Берлин. Поминав низ многу искушенија, многу тешки моменти. После сето тоа што го надминав и со кое се борев, малку играчи би останале на тоа психичко скалило доколку сакаат да продолжат уште посилно и повеќе. Многумина би рекле – доста е, не можам повеќе. Бев на работ на смртта, половина секунда одлучуваше дали ќе бидам жив или мртов. По таа несреќа во Германија, не можев да се помирам со фактот дека возачот на камионот можеше да уништи се што сум создал низ годините наназад“, вели Вујовиќ за црногорскиот весник „Побједа”.

Вујовиќ и покрај несреќата, посветено работел за да ги постигне одличните резултати на ЕП 2022.

„По 20 дена од несреќата, со повеќе скршени ребра и отворени рани по телото, почнав да тренирам. Луѓето и тренерите од клубот ме погледнаа зачудено и ме прашуваа: „Милош, дали си нормален, раните уште ти крварат?“. Од ден на ден состојбата се подобруваше. Никогаш не се откажав, без разлика колку имав проблеми. Тргнав напред, верував и на крајот се тргна како што треба. Господ ме погледна во вистински момент“, раскажува Вујовиќ за „Побједа”.

Интересен детал за најдоброто лево крило од Европското првенство во Унгарија и Словачка е нереализираниот трансфер во Пелистер, кој пред 11 години на кратко беше предводен од сегашниот тренер на Црвена Звезда, Ратко Ѓурковиќ.

„Кога потпишав за Ловќен, една година подоцна добив покана од Пелистер од Битола, каде тренер беше Ратко Ѓурковиќ. Сакаше да се приклучам на тимот, отпатував таму, но клубот рано остана без финансиската помош од главниот спонзор, поради тоа се вратив во Цетиње. Малку не ми беше убаво што како Цетињанец не добив шанса во Ловќен. Не можев да играм во Ловќен, дали поради тоа што ми се лутеа затоа што појдов во Битола или поради некоја друга причина, во секој случај немав простор да се вратам. Прво морав да играм за Сутјеска неколку месеци, а потоа се преселив во Улцињ. Многу играчи тогаш ме исмејуваа, а јас цело време имав високи амбиции и цели, верував дека кога-тогаш ќе дојде моето време. Поради мојот став, секогаш наидував на луѓе кои со потценување зборуваа каде играм и со кого играм. Поминав низ многу лош период, но благодарен сум на сите што ме прифатија во тоа време“, вели Вујовиќ за „Побједа”.

Милош Вујовиќ во својата кариера настапуваше за екипите на Ловќен, Сутјеска, Улцињ, Будванска Ривиера, Печ и Татабања. Од 2020 година е член на бундеслигашот, Фуксе Берлин.